Општина Ѓорче Петров, во соработка со Центарот за климатски промени, денеска започна акција за расчистување и уредување на просторот околу детското игралиште во населбата Дексион, во непосредна близина на новата детска градинка која е во фаза на изградба.
-Во рамки на акцијата „Clean up session“ беше расчистен просторот околу игралиштето и беа обновени постојните клупи. Во следниот период ќе продолжат активностите со обновување на корпите за отпадоци и реквизитите на детското игралиште, како и со отстранување на преостанатите гранки и отпад од локацијата – соопштија од Општината.
Оттаму велат дека целта на активноста е просторот повторно целосно да ја добие својата првична намена – безбедно, чисто и уредено место за игра и престој на најмладите, но и преку заеднички акции да се подигне јавната свест за значењето на чистата животна средина и одговорното однесување кон јавните површини.
Во денешната акција биле вклучени и претставници и активисти од ЈЗУ „Геријатрија“, ООУ „Ѓорче Петров“, општствено одговорни компании, комуналниот пункт на Општина Ѓорче Петров, како и вработени во општинската администрација.












