Пораки со честитки, договори и размена на документи се клучен доказ на обвинителството на судскиот процес против поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска, обвинета за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција пред судот ја презентираше комуникацијата меѓу Димитровска и ревизорот Миле Столевски, за која тврди дека докажува оти тој во нејзино име го полагал тестот за безбедносен сертификат.
„Ќе полагам сега“, ѝ пишува Столевски, на што Димитровска одговара: „Ради ДКСК, ај со среќа“. Подоцна таа го прашува „Како ти оди?“, а тој ѝ одговара дека ќе го полага тестот, по што следи испраќање на ПДФ-документ – сертификат издаден на нејзино име. Во пораките од 22 август 2024 година, по добивањето на сертификатот, Димитровска му пишува „Фала Миле, частам ручек“, а тој возвраќа дека резултатот е „93,33 – положен“. Комуникацијата продолжува со договор за повторно полагање, по што таа му пишува: „Па ај нека ни е, злато си“.
Обвинителот Фатон Азизи изјави дека токму оваа комуникација покажува дека Столевски неовластено се приклучил на системот и го полагал тестот за друго лице. „Со изведените пораки се докажа дека лицето се најавило со туѓи податоци и го положило тестот во име на обвинетата“, рече Азизи.
Одбраната, пак, не ја оспори автентичноста на пораките, но смета дека тие не претставуваат кривично дело. Адвокатот Владимир Туфегџиќ оцени дека презентираните докази „не може да се издигнат на ниво на инкриминација“.
Во истата постапка беа презентирани и пораки од Билјана Петровска-Мантева, вработена во ТЕЦ „Неготино“, која според обвинението споделувала доверливи информации со поранешниот директор Небојша Стојанови, обвинет во случајот „Адитив“. Таа, како што беше посочено, преку „Вотсап“ испраќала документи и фотографии, меѓу кои и известување од Бирото за јавна безбедност за отворена истрага поврзана со набавка на мазут. Обвинителството тврди дека станува збор за службени тајни, додека одбраната наведува дека дел од документите веќе биле познати на примачот и не биле означени како строго доверливи. И покрај презентираните докази, сите обвинети – Димитровска, Столевски и Петровска-Мантева – изјавија дека не се чувствуваат виновни.












