Поранешниот амеркански тенисер Андре Агаси, верува дека Карлос Алкарас е еден од тенисерите кои практично можат да го победат секој противник, но легендарниот Американец предупредува дека ниту Шпанецот не е непобедлив.
Агаси го предводи Светскиот тим на Лејвер Купот во Лондон. Од другата страна ќе биде Европскиот тим, чиј капитен ќе биде Јаник Ноа, додека Алкарас ќе има една од главните улоги на теренот.
Иако Шпанецот е на врвот на светскиот тенис со години, Агаси верува дека секој играч може да најде простор за подобрување.
„Нема ниту еден играч на кого гледам, а за кој не мислам дека може да биде подобар на некаков начин. Се обидувам да им помогнам да веруваат во тоа“, рече Агаси.
Американецот особено ја нагласува важноста на прилагодувањето на тактиките на противникот и целосната доверба во сопствената игра.
„Понекогаш тоа многу јасно се преведува во стратегија – што играчот треба да направи повеќе од вообичаеното на тој ден. Исто така, станува збор за јасност и целосна верба во она што го правите“, објасни тој.
А потоа имаше коментар што особено ќе го привлече вниманието на љубителите на тенисот.
„Алкарас може да предизвика хаос против секого. Може да победи секого во секое време. Но, има некои играчи кои, ако ја играат својата игра со целосна убеденост, можат да му предизвикаат проблеми“, рече Агаси.
Тој го издвои Тејлор Фриц како еден од играчите што би можеле да му го комплицираат животот на Шпанецот. Американецот се потсети на неговиот придонес во триумфот на Светскиот тим минатата година.
„Мислам дека Тејлор донесе она што беше потребно. Тоа многу му значеше, многу значеше за тимот и веројатно направи разлика минатата година“, заклучи Агаси.












