Новоизбраниот претседател на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ), Ацо Ристов, стапи на функцијата од Лирим Сулејмани, заменик-претседател на Комисијата.
На средбата за примопредавање на должноста, членовите на Комисијата го запознаа новиот претседател Ристов со актуелните активности во секторите за кои РКЕ е надлежна. Овие активности се однесуваат на реформите во енергетскиот сектор, состојбата со водните услуги, како и на процесите во новиот домен – управувањето со комуналниот отпад.
„Во центарот на вниманието на состанокот беше начинот на кој РКЕ реагира за време на ценовна криза со нафтата и мерките преземени за ублажување на ценовниот шок од нафтените деривати.”
Презентирани беа и временската динамика и постапката за хармонизирање на подзаконските акти и методологии со европското законодавство, што претставува обврска согласно со новиот Закон за енергетика.
Исто така, беа разгледани активностите и преземените ангажмани кон меѓународни организации, како што се Енергетската заедница, Асоцијацијата на европски регулатори за вода – WAREG и Регионалната асоцијација на енергетски регулатори ERRA, согласно со информацијата од РКЕ.












