Две врани (мажјаци) покажаа подобри резултати од луѓето и мајмуните во една класична психолошка задача, осмислена да испита како мозокот донесува одлуки врз основа на визуелни информации. Во претходните експерименти, птиците од семејството Corvidae – во кое спаѓаат враните, гавраните, чавките и сојките – покажаа низа извонредни ментални способности за кои претходно се сметаше дека се својствени само за приматите, пишува Science Alert.
Враните од Нова Каледонија изработуваат сложени алатки од повеќе делови и планираат три чекори однапред за да решат проблеми и да дојдат до храна. Сојките од видот Aphelocoma californica поседуваат меморија слична на епизодната меморија, додека гавраните се „доволно интелигентни за да бидат параноични“.
Сега, двајца невробиолози од Универзитетот во Тибинген, Германија, ги проучуваа способностите за донесување одлуки кај црните врани (Corvus corone), а резултатите покажуваат дека нивните способности ги надминуваат дури и оние на мозокот кај приматите.
Истражувачите Филип Шмидаубер и Андреас Нидер не се обидуваат само да ја докажат интелигенцијата на враните. Тие сакаат да разберат како овие птици постигнуваат такви интелектуални подвизи, иако имаат мозок кој, во својата суштина, е многу различен од нашиот.
„Ваквата флексибилност во однесувањето може да изгледа неочекувана, со оглед на тоа што кај птиците недостасува слоевита мозочна кора – главниот центар за интеграција на информации во мозокот на цицачите“, напиша Нидер во еден научен труд пред речиси една деценија.
Тој објасни дека, наместо слоеви, мозокот на птиците се потпира на невронски мрежи кои потекнуваат од друг дел на палиумот (мозочната обвивка). Нивните мозоци се помали од нашите, но и нивните неврони се помали – што значи дека информациите патуваат на пократки растојанија, а обработката на податоци е поефикасна во однос на единица волумен.
„Благодарение на оваа независно еволуирана организација на предниот мозок, мозокот на враната содржи двојно повеќе неврони отколку мозокот на примат со иста маса. Ова овозможува огромна моќ за обработка на информации во рамките на еден мал, густо спакуван ’птичји мозок‘“, додаде тој.
Новите експерименти откриваат колку навистина можат да бидат моќни таквите „птичји мозоци“.
Во тестирањето учествуваа две возрасни врани (мажјаци). Бидејќи станува збор за многу мал примерок, не е можно да се утврди дали резултатите даваат поширок увид во карактеристиките на враните како вид. Сепак, ова претставува почетна точка. Секоја врана беше поставена пред екран на допир. За време на секој обид, на екранот се појавуваа бројни точки, а некои од нив потоа почнуваа да се движат во одредена насока — или налево или надесно. Враната ја означуваше насоката на движење така што со клунот ја допираше соодветната цел на таа страна од екранот.
За секој точен одговор, враната добиваше награда — вкусна ларва од брашнен црв.
Задачата немаше строго временско ограничување и враните имаа доволно време да го изберат својот одговор. Целта беше животните да ја откријат својата одлука дури откако ќе бидат сигурни во својот избор, наместо да реагираат само за да бидат побрзи.
Пред да започне самото собирање податоци, двете врани поминаа низ повеќе од 100 сесии за обука за да се осигура дека целосно ја совладале задачата. Луѓето и мајмуните претходно покажаа способност за донесување перцептивни одлуки во овој тест, кој вклучува разликување на движењето на случајно распоредени точки, но сепак, ова е првпат врани да бидат тестирани на ваков начин.
Птиците носеле промислени одлуки со „извонредна брзина, избирајќи одговор во просек за околу 235 милисекунди — што е приближно двојно побрзо отколку што е забележано кај мајмуните или луѓето“, наведуваат Шмидбауер и Нидер.
Понатаму, оваа зголемена брзина не одела на сметка на точноста.
Потоа, истражувачите вградиле електроди во мозокот на враните. Тие биле поставени така што ја следеле активноста во nidopallium caudolaterale (NCL) — регион што содржи неврони вклучени во перципирањето на насоката на движење, како што е движењето на точките на екранот.
Откако се опоравиле од анестезијата, враните повторно ја извршиле задачата со движење на точки, при што овој пат се следела активноста на 248 поединечни неврони.
Овие неврони почнале да испраќаат сигнали поврзани со претстојната одлука на враната само 70 милисекунди откако точките почнале да се движат — што е приближно 170 милисекунди пред птицата да ја донесе конечната одлука и со клунот да го допре екранот.
Овие наоди сугерираат дека мозокот на враната поседува „динамика на обработка на информации слична на онаа кај приматите, но во рамките на поинаква невронска структура и со значително поголема временска ефикасност“, наведуваат Шмидбауер и Нидер. Тие додаваат дека брзината со која враните носат одлуки би можела да биде резултат на специфични еволутивни притисоци на кои биле изложени овие птици.
„Птиците се потпираат на видот за да изведуваат прецизни и брзи маневри за време на летот, како и за да ги насочуваат клуновите кон одредени предмети додека бараат храна“, вели Нидер. Поради ова, изразот „птичји мозок“ почнува да звучи како комплимент. Истражувањето е објавено во списанието *Science*.












