Македонија учествувала во голема меѓународна полициска операција против криминална мрежа осомничена за измами преку лажни интернет-платформи за инвестирање во криптовалути, девизи и акции. Во координираната акција, поддржана од Европол и Евроџаст, биле уапсени седум лица, а запленети повеќе од 100 сервери што биле користени за криминалните активности.
Според информациите на Европол, потенцијални жртви на измамата имало во најмалку 50 земји, а проценетата финансиска штета надминува четири милиони евра. Во истрагата, која ја предводело германското Обвинителство во Итцехое, учествувале полициските и обвинителските органи на Германија, Кипар, Финска, Албанија, Косово и Македонија.
Истрагата открила компанија поврзана со Кипар и Израел, осомничена дека обезбедувала лажни интернет-страници за инвестирање наменети за криминални групи. Истражителите идентификувале и нивни клиенти кои наводно управувале со измамнички кол-центри во Албанија, Косово и Македонија.
Во Македонија во акцијата учествувале Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и Министерството за внатрешни работи, односно Бирото за јавна безбедност – Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал.
Осомничените користеле лажни реклами на интернет со кои граѓаните ги привлекувале кон наводни можности за брза и висока заработка. Преку рекламите собирале лични податоци, кои потоа ги продавале на криминални групи што управувале со кол-центри. Операторите ги контактирале заинтересираните граѓани и ги убедувале да вложат пари.
На почетокот жртвите биле наведувани да уплатат помала сума, по што на лажните платформи им прикажувале фиктивна добивка за да стекнат доверба. Потоа, под психолошки притисок, ги убедувале да вложуваат сè поголеми износи. Кога ќе побарале да ги повлечат парите, добивале различни изговори и одложувања, а на крајот измамниците го прекинувале контактот.
Акцијата на 3 ноември е резултат на повеќегодишна истрага што започнала во 2022 година, откако германски брачен пар пријавил дека не може да ги повлече парите вложени преку интернет-платформа. Во претходните интервенции во 2022 и 2025 година биле приведени осомничени и биле обезбедени докази, кои помогнале да се открие пошироката мрежа.
Во најновата акција биле извршени претреси на 17 локации, при што биле одземени сервери, други докази и имот. Седумтемина уапсени се приведени со цел нивно предавање, односно екстрадиција во Германија. (П.А.)












