Владата на денешна седница ќе го намали ДДВ за дизел-горивото од 18 на 10 проценти со цел да се спречи дополнително зголемување и да се овозможи намалување на неговата малопродажна цена. Претходно, премиерот Христијан Мицкоски истакна дека мерката доаѓа во услови на нов раст на цените на нафтата на светските берзи, при што цената на нафтата надмина 100 долари за барел.
Во Македонија, пак, новата одлука за цените на горивата се очекува утре, кога Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги треба да ја направи редовната пресметка. Според актуелните цени, еуросупер БС-95 се продава за најмногу 97 денари за литар, еуросупер БС-98 за 99 денари, додека максималната цена на еуродизелот изнесува 101 денар за литар. Во новата пресметка ќе бидат земени предвид движењата на берзанските цени на нафтените деривати во изминатите седум дена, како и останатите трошоци и давачки.
Премиерот Мицкоски посочи дека Владата веќе интервенираше преку намалување на акцизите за дизелот и безоловното гориво, а намалувањето на ДДВ од 18 на 10 проценти е дополнителна мерка насочена кон заштита на животниот стандард.
– Она што е наш интерес како Влада е да го штитиме стандардот на граѓаните колку можеме, умееме и како знаеме – порача Мицкоски, додавајќи дека мерката ќе има одредени импликации врз државниот буџет.
Според премиерот, и покрај глобалната енергетска криза и воените конфликти кои влијаат врз пазарите на енергенти, Македонија и понатаму има пониски цени на горивата во споредба со повеќе земји од соседството. Мицкоски оцени дека актуелната цена од околу 95 до 101 денар за литар не е ниска, но е значително пониска од цените што, според него, се плаќаат во дел од соседните и пошироките европски земји.
– Ќе се бориме, не е лесно. Имаме светски предизвици, неколку војни во нашето најблиско соседство, најголема енергетска криза што ја памети човештвото, но ете, жилави сме, ќе се бориме. Сè уште имаме убедливо најниска цена за горивата, и така ќе остане. Дали е таа ниска кога плаќате 95-96 денари по литар дизел или 100 денари? Не е, но е поевтина од таа што ја плаќаат во соседството, каде што е, да речеме, 150 и 180 денари, и така натаму. Така што, она што е важно за нас, е да дадеме сè од себе за да го штитиме стандардот на граѓаните колку можеме – нагласи премиерот Мицкоски.
Од СДСМ, меѓутоа, мерката ја оценија како задоцнета и недоволна. Опозициската партија побара ДДВ за горивата да биде намален на пет проценти и целосно да се укине акцизата, оценувајќи дека Владата реагирала откако високите цени веќе почнале да го намалуваат животниот стандард на граѓаните. Од СДСМ велат дека повисоките цени на горивата не се проблем само за возачите туку имаат директно влијание врз цените на транспортот, храната и останатите производи и услуги. Според нив, секое поскапување на дизелот создава дополнителен притисок врз семејните буџети.
Владите во регионот користат различни инструменти за да го ограничат влијанието на глобалниот раст на цените на нафтата — од директно намалување на акцизите, преку условни механизми, до комбинирање на повеќе даночни интервенции. Србија во последниот период повторно ја намали акцизата за горивата. За периодот од 14 до 20 септември, акцизата за дизелот е утврдена на 55,53 динари, а за бензинот на 54 динари. Новата одлука на српската Влада е продолжување на интервенцијата во момент кога истекува претходната мерка.
Црна Гора, пак, во март, направи значително намалување на акцизата – за дури 50 проценти. Со оваа интервенција, властите настојуваа да го ограничат растот на малопродажните цени, па наместо очекуваното поскапување од околу 31 цент, дизелот поскапи за приближно четири центи.
Албанија има поинаков пристап. Таму е воведен условен механизам според кој акцизата се намалува за 20 проценти доколку цената на горивото надмине однапред утврден праг. И покрај ваквата мерка, Албанија и натаму се вбројува меѓу земјите со повисоки цени на горивата во регионот.
Македонскиот модел во актуелната криза се разликува по тоа што државата интервенира и преку акцизата и преку ДДВ. Така, покрај претходните намалувања на акцизите, сега се најавува и намалување на ДДВ за дизелот.
(С. Бл.)












