Криминална група проневерила над 2,2 милиони евра – лажирале извештаи за наплатени надоместоци при регистрација на возила, парите ги „переле“ преку осигурителен брокер
Криминална група која, според МВР, проневерила повеќе од 2,2 милиони евра е разбиена во полициска акција во Скопје. Три лица се лишени од слобода, а кривична пријава е поднесена против шест физички и три правни лица за проневера во службата, перење пари и несовесно работење во службата.
Според истрагата, главноосомничениот С.С., сопственик на правно лице од Кучевиште кое имало овластување за технички преглед на возила, во периодот од јануари 2021 до јануари 2026 година наводно изготвувал и доставувал лажни извештаи за наплатените надоместоци при регистрација на возила.
МВР тврди дека на овој начин биле присвоени 138.877.419 денари, односно околу 2,26 милиони евра. Парите, според пријавата, биле префрлани и прикривани преку сметки на осигурително брокерско друштво, иако на тие сметки требало да се наплаќаат само осигурителните полиси.
Во шемата, според полицијата, бил вклучен и Д.М., раководител на станица за технички преглед, кој бил овластен да изготвува и потпишува фактури и извештаи до надлежните институции.
Дополнително, двајца извршни членови на одборот на директори на осигурителното брокерско друштво, како и неизвршен член на одборот, според МВР, знаеле дека дел од средствата што пристигнувале на сметките не биле приходи од осигурување. Парите наводно биле префрлани од една на друга сметка и мешани со редовните приходи, меѓу другото преку евидентирање на трансакции како „позајмици“. Дел од средствата, според истрагата, биле користени и за купување недвижности.
Во случајот е опфатена и Т.М., помошник-директор за финансии во Јавното претпријатие за државни патишта. Според МВР, таа имала обврска да ги контролира уплатите и да ги споредува со доставените извештаи, но не извршила должен надзор.
Со тоа, како што наведува полицијата, на осомничените им било овозможено да се стекнат со противправна корист од 48.434.406 денари по основ на патна такса.
Во истрагата е опфатен и овластен сметководител од Скопје, кој, според МВР, во сметководствената документација внесувал невистинити податоци и поднесувал даночни пријави и годишни сметки кои не ја прикажувале реалната финансиска состојба на фирмата од Кучевиште.
Вкупната штета, според МВР, е распределена на повеќе институции: 48,4 милиони денари за ЈПДП, 1,48 милиони денари за Црвениот крст, 5,58 милиони денари за Министерството за животна средина и 83,37 милиони денари за Буџетот и комуналните такси на општините.
При претресите на повеќе локации во Скопје полицијата запленила околу 27.735 евра, 38.500 денари, 750 швајцарски франци и 100 долари, како и повеќе мобилни телефони и две возила.
Акцијата ја спровеле Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и ОСПО–ЕБР, под раководство на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Од МВР велат дека кривичната пријава е поднесена против шест физички и три правни лица, а за дел од осомничените следува постапување од надлежното обвинителство и судот. (П.A.)












