вторник, август 11, 2026
Дома БАЛКАН Нова тензија! Вучиќ најавува промена на тeкот на реката, Рама одговори –...

Нова тензија! Вучиќ најавува промена на тeкот на реката, Рама одговори – Ибар ќе тече според географијата, а не според фолклорот

1
EPA/BORIS PEJOVIC

Србија е целосно слободна да управува со ресурсите што се во нејзина надлежност, но не може да тврди дека можните последици за друга земја „магично застануваат на српската граница“, порача албанскиот премиер Еди Рама, коментирајќи ја изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ за можноста за промена на текот на реката Ибар.

„Србија е целосно слободна да управува со ресурсите во рамките на својата надлежност. Она што разумно не може да го тврди е дека можните последици за друга земја магично застануваат на српската граница. На крајот на краиштата, затоа постои меѓународното право за водите“, напиша Рама на социјалната мрежа X.

Вучиќ во неделата изјави дека ја разгледува можноста за промена на текот на Ибар на територијата на Србија поради односот на косовските власти кон Србите на Косово.

„Веќе повикавме експерти кои се занимаваат со тоа, градежниот сектор, инженери и други, па ќе видиме што ќе направат Албанците и како ќе се однесуваат“, им изјави Вучиќ на новинарите за време на обиколката на работите на Стариот железнички мост во Белград.

Вршителката на должноста претседателка на Косово, Албулена Хаџиу, ја оцени идејата за пренасочување на Ибар како апсурдна и заканувачка. Таа истакна дека системот Ибар-Лепенец и езерото Газивода се од клучно значење за водоснабдувањето, енергетиката и земјоделството на Косово.

„Мораме јасно да ставиме до знаење дека користењето на водните ресурси како инструмент за притисок врз Косово е неприфатливо“, рече Хаџиу во понеделникот на конференцијата на амбасадорите на Косово во Приштина.

Таа додаде дека ваквите идеи претставуваат „шовинистички и дестабилизирачки пристап кон Косово“ и дека на нив треба да следи соодветна меѓународна реакција.

Реката Ибар е преградена со брана на територијата на Косово, со што е формирано вештачкото езеро Газивода. Системот Ибар-Лепенец обезбедува вода за повеќе косовски општини, се користи за наводнување на земјоделски површини, но и за ладење на термоелектраните во Обилиќ.

ИЗДВОЕНИ