ПО ИЛИНДЕН, И ПРОСЛАВАТА НА НЕЗАВИСНОСТА ЈА ОДБЕЛЕЖАА ПРЕПУКУВАЊА, ДРЖАВНИЧКИТЕ ПОРАКИ ВО СЕНКА
Наместо единство, гордост и државнички пораки, почетокот на одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Македонија започна со нова политичка пресметка меѓу власта и опозицијата. По илинденските препукувања, сега и 8 Септември стана повод за меѓусебни обвинувања околу видеото за независноста и официјалната прослава во Охрид. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се судрија и околу пораките во видеото, и околу тоа кој има право на заслуги за државните достигнувања во изминатите 35 години. Политичкиот конфликт дополнително се продлабочи со спорот околу изгледот на македонското знаме на прославата „Силно светнал ден“. Но, додека партиите повторно си ги мерат заслугите и вината, празникот на независноста останува потсетник дека македонската државност е надпартиска, заедничка и многу поголема од секоја дневнополитичка пресметка
Македонската државност е приказна создавана низ борба, со идеали, жртви и генерации кои верувале дека слободата и сопствената држава се вредности што треба да ги надживеат дневните поделби. Затоа, деновите кога се одбележуваат најважните датуми од македонската историја природно би требало да бидат време за заедништво, гордост и државнички пораки. Но, како што се случи и за Илинден, така и стартот на одбележувањето на 35-годишнината од независноста на државата, празничната атмосфера не остана имуна на партиските пресметки. Наместо политичката битка барем за момент да отстапи пред симболиката на 8 Септември, и овојпат најголемиот дел од јавната дебата се претвори во меѓусебни обвинувања. Прославата на независноста, која би требало да биде заеднички именител за граѓаните без оглед на политичката, национална или било каква припадност, стана ново бојно поле меѓу партиите.
А тоа доаѓа само неколку дена откако и прославата на Илинден беше засенета од политичките реакции на говорот на премиерот Христијан Мицкоски и употребата на зборот „талог“. Наместо пораките за помирување и заедничка грижа за државните интереси да останат во фокусот, и тогаш празникот се претвори во продолжение на партискиот конфликт.
Сега истата слика се повторува и по повод 8 Септември.
Видеото за независноста – повод за препирка
Препукувањата започнаа по објавата на видеото посветено на 35 години независност, кое премиерот Христијан Мицкоски го сподели на социјалните мрежи. Намерата, според содржината, е да се раскаже приказната за државата низ луѓето, културата, спортот, музиката и настаните што ја одбележаа Македонија во изминатите три и пол децении, без класичен политички спот во кој актуелната власт си припишува заслуги.
Но, стиховите „Многу дни пребродивме ние“ на Зафир Хаџиманов, песна која доминира во видео спотот, очигледно, не допреле до сите подеднакво. Наместо видеото да биде повод за заедничко одбележување, следуваше нова политичка „рецензија“. Претседателот на СДСМ Венко Филипче оцени дека видеото, всушност, ги прикажува државотворните успеси на СДСМ и дека е доказ дека сè што е позитивно и државотворно во тие 35 години, е дело на СДСМ.
-И што видовме? Видео што ја слави државотворната политика на СДСМ. Во видеото е Киро Глигоров. Во видеото се најголемите државни успеси на Македонија. Во видеото само недостасува влезот во НАТО, како и почетокот на преговорите со ЕУ. Сè што е позитивно и државотворно во тие 35 години, е дело на СДСМ. Ниту еден вистински државен успех во овие три и пол децении не носи потпис на ВМРО. Затоа во видеото нема место за Никола Груевски. Тие години на темнина, криминал и бегство не се за промотивни спотови. Нема место ниту за оваа актуелна Влада – затоа што нема што да покаже. Мицкоски сакаше да се пофали со независноста. А всушност објави промоција на сè она што СДСМ го изгради, се наведува во реакцијат на СДСМ и лидерот на партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека проблемот не е во видеото, туку во тоа што СДСМ и Филипче не можат да се издигнат над партиските интереси.
-Видеото за независноста има порака која обединува – штета што и овојпат СДС е на погрешната страна. Згрозени сме од нивото на политичка култура на Венко Филипче и од начинот на кој политизираат нешто што граѓаните го разбираат и прифаќаат како народна прослава на независноста. Искрено жалиме што СДС нема капацитет да ја види големата слика и да го надмине сопствениот талог. Не сме изненадени, но сме разочарани од тоа што денес претставува ова раководство на СДС, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму реагираа и дека „СДС се лутат зошто го има првиот претседател на независна Македонија, кој, патем, е избран консензуално, и зошто немало ништо за НАТО, а си ќутат за промената на името“.
-Протестираат зошто нема ништо за Груевски и премеруваат кој за што е заслужен, а веројатно им е тешко што го нема Заев или друг премиер. Но, сепак, ова е спот за дел од позитивните страни во овие 35 години. За негативните уште не е снимен, но таму Заев и Венко се во главна улога, а народот сето тоа го памети, се вели во соопштението.
„Погрешното“ знаме како нов фронт
Меѓупартискиот „спор“ продолжи околу официјалната прослава за 35-годишнината. СДСМ ја обвини власта дека на прославата во неделата во Охрид било употребено погрешно македонско знаме, доведувајќи ја во прашање организацијата, визуелниот и потрошените средства.
-На официјална државна прослава по повод 35 години независност, платена со милиони евра народни пари, Владата на Мицкоски го утна македонското знаме. Срамота. Не го сменија името, но успеаја да го сменат знамето. Нова верзија на знамето за држава со политика, како што вели Мицкоски др: „Нема воз за ЕУ, има само вагон што сами си го клатиме.“ За Мицкоски и ВМРО знамето е уметничка инсталација. Нова верзија со 12 краци. Ова е само уште еден доказ за нивната целосна неспособност. Имаме коњи со пет нозе, вијадукти од Босна, храмови од Белград. За сè се користи вештачка интелигенција – затоа што природна нема, обвинија од СДСМ.
Оттаму побараа Владата сега да излезе пред граѓаните и да каже која компанија била ангажирана, кој бил задолжен за сценографијата и визуелниот идентитет, колку пари се потрошени и кој ќе понесе одговорност за, како што велат, ваквото понижување на македонскиот државен симбол.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, возвратија дека станува збор за уметничка инсталација во која повеќекрако сонце се претопува во македонското знаме и го обвинија СДСМ дека повторно бара политичка причина за напад врз прославата.
-На СДС сега им смета и македонското сонце и уметничката инсталација, каде знамето од повеќекрако сонце се претопува во македонското знаме со осум краци. Талогот на општеството од СДС, партијата којашто два пати го менуваше знамето, еднаш името, еднаш банкнотите, Уставот, е последна која може да говори за понижување на државата. Партијата чии лидери ја бришат историјата за станови во Дубаи, фирми во Бугарија, јахти во Грција, нема кредибилитет да говори за понижување. Партијата која го избриша АСНОМ од Уставот, која вели дека Македонија постои од 1944 година, која вели дека сме биле Бугари пред тоа, е лицемерно да зборува за понижување. Настанот „Силно светнал ден“ по повод 35 години независност, е поздравен од сите граѓани и ја обедини државата, а само Филипче и тие неколкумина околу него пробуваат да го оцрнат проектот, велат од владејачката партија.
„Силно светнал ден“ – Македонија раскажана низ музика и стих
Наспроти политичките препукувања, почетокот на прославата, во неделата вечерта во Охрид понуди една поинаква слика за Македонија. На стадионот „Билјанини Извори“ започна големиот музичко-сценски спектакл „Силно светнал ден“, наслов инсириран од стиховите на рацин, во режија на Дејан Пројковски, а посветен на 35 години независност. Повеќе од 30 изведувачи од различни генерации и музички жанрови ја раскажаа приказната за земјава преку музика, театар, поезија и современ сценски израз.
Наместо политиката, сцената ја презедоа културата, музиката и луѓето кои со децении ја создаваат македонската културна приказна.
Водител и раскажувач на спектаклот беше Игор Џамбазов, кој ја водеше публиката низ различни периоди, личности и дела што оставиле белег во македонската култура. Пред охриѓани оживеаја стихови и мисли од Блаже Конески, Кочо Рацин, Крсте Петков Мисирков и Гоце Делчев, а сценската приказна ги поврза историското наследство и современиот македонски израз.
Од фолк до опера, од рок до хип-хоп, од добро познатите имиња на македонската музичка сцена до младите изведувачи – различните генерации се најдоа на иста сцена.
И токму во тоа можеби е и најсилната порака на настанот.
Триесет и пет години независност не се само политичка хронологија. Тоа се песни, филмови, книги, спортски победи, театарски претстави, уметници, музичари и генерации граѓани кои ја живеат приказната за својата земја, но од колективната меморија не изостануваат ниту тешките времиња и непопуларните политички одлуки.
Од Охрид, „Силно светнал ден“ го започна своето патување низ Македонија и ќе продолжи во уште 11 градови. За 35 години независност и една приказна – македонската. Приказна која, без оглед на дневните политички пресметки, продолжува да се пишува и да ги потсетува политичарите дека македонската државност не припаѓа ниту на една, ниту на друга политичка партија, ниту на еден, ниту на друг премиер, македонската државност е заедничко наследство на сите граѓани на Македонија, чија волја, политичарите се должни да ја исполнуваат. Државата не се создава со партиски соопштенија, ниту се брани со меѓусебни навреди. Се гради со работа, се чува со одговорност и се сака со почит кон нејзината историја и кон нејзините граѓани и со визија за иднината. (В.С.Н.)












