Да престанеме со убавите зборови и со политичкиот фолклор. Како макроекономски аналитичар и човек што секојдневно управува со капитал, ги гледам бројките без шминка. Пензискиот систем во Македонија не е под притисок, тој е во структурна криза што се продлабочува со секоја нова година, со секој нов буџет и со секое ново линеарно покачување што се продава како „грижа“. Соодносот е веќе 1,6 вработени на еден пензионер, имаме над 350 илјади пензионери. Буџетските трансфери кон Фондот на ПИОМ се движат во стотици милиони евра годишно, а вкупните расходи за пензии се приближуваат кон две милијарди евра. Ова повеќе не е социјална политика, туку е фискална бомба со одложено дејство. Математиката е безмилосна, кога бројот на оние што примаат расте побрзо од бројот на оние што плаќаат, системот почнува да се јаде сам себеси. Секој ден одложување ја зголемува цената што ќе ја платат младите генерации преку повисоки даноци, послаба конкурентност, уште поголема емиграција и уште потешко одржлив јавен долг. Дојдени сме до точка каде што или ќе го реформираме системот сега, или ќе го гледаме како се распаѓа. Индексацијата е првата и најочигледна лажна утеха.
Сегашниот модел со 50 % инфлација и 50 % раст на платите и надополнет со линеарни бонуси пред избори, е скап луксуз што една економија со нашите демографски и фискални ограничувања едноставно не може да си го дозволи. Тој модел ги зголемува пензиите побрзо од реалната способност на економијата да ги финансира, затоа што е наследен систем од времето на Тито, кога соодносот беше 7:1 во седумдесеттите, 5:1 осумдесеттите, 3:1 во деведесеттите и скоро 2:1 во 2015 година. Резултатот е постојан притисок врз буџетот и врз придонесите.
Предлогот што го нудам е кристално јасен и се состои од 5 поврзани мерки.
Прво, пензиите да се индексираат 100 % според инфлацијата. Тоа ја чува реалната куповна моќ на сите пензионери. Истовремено, кај минималните пензии индексот на пресметка треба да биде 70 % инфлација и 30 % раст на платите. Оваа асиметрија има јасна логика оти најранливите треба да добијат дополнителна заштита, но без да се отвори врата за неодржливо општо зголемување што повторно ќе го зголеми дефицитот.
Втората мерка се линеарните зголемувања да останат само за исклучителни кризи, не како политичка навика и паралелно да се воведе автоматска кочница. Кога ќе го надминат буџетските трансфери однапред утврдениот праг, индексот автоматски се намалува. Нема потреба од нови политички преговори, нема потреба од нови „пакети“. Оние што ќе викаат дека е сурово ова, нека ги погледнат проекциите на Фондот и на Министерството за финансии. Јас сум слободен за јавна дебата во секое време. Сурово е да се продолжи со систем што се јаде самиот себеси и што веќе денес голта ресурси што требаше да одат во развој и помош за претприемачите и за приватниот сектор. Паралелно со ова, треба да се овозможи вработување на пензионери со понатамошно примање целосна пензија, сепак, многу луѓе над 64 години сè уште можат и сакаат да работат, оти нивото исклучување од пазарот на трудот е социјално и економски бесмислено.
Чистиот Pay-As-You-Go систем, при овој демографски тренд, е пирамида што може да функционира само додека има доволно нови вложувачи, а ние ги немаме тие работници. Стапката на наталитет е енормно ниска, емиграцијата е висока, а стареењето на населението е веќе факт.
Затоа третата мерка е трансформација на првиот, основен столб во делумна капитализација. Дел од придонесите мора да почнат да одат во реални средства, а не само во тековни исплати. Може и треба да се започне со цел од 15–20 % капитализација во разумен, јасно дефиниран рок. Ова не е радикална идеја. Тоа е начинот на кој повеќето одржливи системи го балансираат ризикот меѓу генерациите.
Четвртата мерка се однесува на вториот пензиски столб, кој е најголемата пропуштена шанса во последните две децении. Како фонд-менаџер, ова ме боли најмногу. Имаме акумулиран капитал што го чуваме како да се плашиме од финансиските пазари. Домашни обврзници, конзервативни приноси од околу 5 % што реално по пресметана инфлација и девалвација на фиат валутите се приближуваат кон нула. Тоа не е управување со пензиски пари. Тоа е чување пари под душек наречено „стратегија“. Потребна е професионална, глобална диверзификација.
Повисоко учество во акции и светски индекси со мулти-асет пристап што вклучува приватни инвестициски фондови за инвестирање во недвижности и удели во други отворени и хеџ-фондови во странство и дома. Животни циклусни фондови што носат повеќе ризик додека човекот е млад и повеќе заштита кога се приближува до пензија. Целта мора да биде јасна, долгорочен номинален принос над 7 % годишно како минимален праг. Разликата од два до три процентни поени годишно не е академска дискусија преку сложена камата, тоа е разлика меѓу реалната пензија што вреди и пензијата што е само утешна награда.
Третиот столб мора, конечно, да престане да биде илузија дека државата ќе спаси секого. Финансиската писменост, личната заштеда и инвестирањето мора да престанат да бидат егзотика за ретките. Кој мисли дека државата вечно ќе покрива сè, живее во фантазија. Без култура на лична одговорност, ниту еден столб нема да биде доволен. Можам да зборувам со часови за пензиски формули, но без економија што расте, сите формули се само декорација.
Петтата мерка се состои од две интервенции што се апсолутно критични. Првата е раст на платите во приватниот сектор за околу 30 % за неколку години. Повисоката плата носи повисок придонес и помал дефицит во Фондот. Тоа е единствениот одржлив начин да се зголеми приходната страна без да се гушат компаниите.
Втората интервенција е намалување на јавната администрација за 30 до 50 проценти. Преку преквалификација, природно одење во пензија, мораториум за нови вработувања, дигитализација, спојување на функции и прекин на клиентелизмот. Истовремено, треба да се создадат јасна мотивација и патеки за многу вработени од државниот сектор да се префрлат во приватниот. Секој вишок во администрацијата е ресурс што не создава вредност, туку трошок. Ослободете ја работната сила и пуштете го приватниот сектор да дише. Без овие две круцијални интервенции, соодносот 1,6 ќе остане проклетство што ќе ги следи идните генерации. Како човек што работи со проекции, ги гледам можните сценарија со целосна јасност и ако продолжиме по старо, трансферите ќе растат, долгот ќе се зголемува, а просторот за развој ќе се стеснува од година по година. Ако го спроведеме целосниот пакет со 100 % инфлациска индексација со заштита на минималните, автоматска кочница, постепена капитализација на првиот столб, сериозна реформа на вториот столб, 30 % раст на платите во приватниот сектор и од 30 % до 50 % кратење на јавната администрација што е амбициозно и политички тешко, но, сепак, неопходно.
Според моите проекции, комбинираното дејство на построгата индексација со автоматска кочница, значително повисоките придонеси од растот на приватните плати и рационализацијата на јавниот сектор би довело до кумулативна заштеда во буџетските трансфери кон Фондот од околу 7 милијарди евра во наредните десет години. Оваа сума произлегува, главно, од побавниот раст на расходите и побрзиот раст на приходите, при што секоја мерка ги засилува ефектите на другите. Со ваква болна мерка на краток рок, а многу ефикасна на среден и долг рок, соодносот може да се приближи кон 2:1. Тоа не е бројка за ефект, тоа се пари што можат да одат во капитални инвестиции, во конкурентност, во поддршка на претприемачите и во намалување на јавниот долг наместо да крпат дупка што самите ја продлабочуваме од година по година.
Шведска, Данска, Холандија и Австралија не го решија овој проблем со убави пароли и изборни бонуси. Тие го решија со дисциплина, со капитализација, со професионално управување со средствата и со одбивање да го третираат пензискиот систем како гласачка машинерија. Ние немаме луксуз да учиме од нивните грешки. Ние мораме да ги примениме нивните решенија приспособени на нашата реалност.
Време е да му се стави крај на глумењето. Пензискиот систем не е место за експерименти со популизам, туку обврска кон оние што работеле цел живот и кон оние што допрва треба да работат. Ќе треба да донесеме одлуки сега – конкретни, јасни и понекогаш непријатни или ќе продолжиме да се правиме слепи додека соодносот паѓа, трансферите растат, а младите заминуваат. Пензискиот систем не чека, или ќе го поправиме со конкретни мерки, или ќе го гледаме како тоне.
(Авторот е криптоексперт, портфолио стратег, макроаналитичар и извршен директор и фонд- менаџер на „Лимитлес фонд менаџмент“)
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)












