четврток, јули 16, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Наместо без работа зад решетки, затворениците со метли покрај патиштата

Наместо без работа зад решетки, затворениците со метли покрај патиштата

Откако ВЕЧЕР ја отвори темата за ресоцијализација со работно ангажирање, Управата почна со конкретни теренски активности

0

Откако весникот ВЕЧЕР пишуваше за потребата од поголем ангажман на осудениците во земјава, Управата за извршување санкции склучи договор –затвореници од неколку казнено-поправни установи да го собираат ѓубрето од јавните патишта во близина на затворите каде што ја издржуваат казната.

„Почна седумдневната работна акција која ќе трае до 22.07.2026 година во соработка со Управата на извршување на санкциите и ЈП Македонија – Пат согласно со потпишан Меморандум за соработка за работно ангажирање на осудени лица кои ќе помагаат за одржување на хигиената на магистралните и регионалните патишта на целата територија на Република Македонија. Во оваа работна акција се вклучени повеќе казнено-поправни домови и казнено-поправни установи, и тоа: КПД Затвор Идризово, КПД Затвор Штип, КПД Затвор Прилеп, КПУ Затвор Куманово, КПУ Затвор Битола, КПУ Затвор Скопје, КПУ Затвор Гевгелија, КПУ Затвор Струмица и КПУ Затвор Струга. Осудените лица кои се работно ангажирани на магистралните и на регионалните патишта се во непосредна близина на казнено-поправните установи каде што ја издржуваат својата казна и се под постојан надзор на припадниците на затворската полиција“, објавија од Управата.

Директорот Александар Пандов вели за весникот ВЕЧЕР дека станува збор за осуденици за полесни кривични дела, дека во моментов се ангажирани 90, а ќе работат додека има потреба.

„Јас им нудам на општините и на институциите ако им треба работна сила да побараат од Управата, ќе склучиме договор, само треба да обезбедат превоз за осудениците кои ќе се ангажираат, а ги чува затворската полиција, вели Пандов

Минатата недела, прилепски затвореници ожнеаја јачмен на површина од 180 декари. Од реколтата биле собрани околу 34 илјади килограми јачмен, кој ќе се користи за сопствени потреби на установата, односно како добиточна храна за фармата во рамките на КПД Прилеп.

Во време кога компаниите бараат работници од азиските земји, а дефицитот на работна сила станува една од најголемите економски пречки, во затворскиот систем постојат осуденици кои можат да бидат дел од работните процеси – не како евтина работна сила туку како дел од процесот на ресоцијализација и подготовка за живот по издржувањето на казната. Освен затворскиот систем, работно ангажирање може да иницира и судот, преку изрекување на општокорисна работа како санкција во пресудите. За шест години се донесени само 162 пресуди со оваа алтернативна казна и тоа најмногу за непочитување на мерките за време на пандемијата. (П. А.)

ИЗДВОЕНИ