Реализацијата на проектот за санирање на патот кон Теферич во Општина Кисела Вода му е предадена на Министерството за транспорт. Ова денеска го обелодени заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.
При работната посета на Општина Кисела Вода, тој информираше дека е сторено тоа бидејќи станува збор за сериозно свлечиште.
– Проблематиката е далеку поголема од можностите и од капацитетите што ги имаат Општина Кисела Вода и Град Скопје. Затоа премиерот Христијан Мицкоски организираше работна средба, по што во вторникот, на седница на Владата, беше донесена одлука со која Министерството за транспорт го презема целиот проект – истакна Николоски.
Тој додаде дека веќе е изработен проект за стабилизација и санација и оти очекува не подоцна од следната недела да биде распишан тендер за избор на изведувач, по што за месец, месец и пол би почнале градежните активности, кои, според него, би завршиле пред почетокот на зимата.
Николски и градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, извршија увид во реконструкцијата на улицата „Лазар Димитров“, која е во завршна фаза и е проект што се реализира преку Министерството за транспорт, во износ од 3,6 милиони денари.
При работната посета на Општина Кисела Вода, тој нагласи дека се води еднаква грижа за развој на сите општини во државата.
– Само во Кисела Вода инвестираме над 386 милиони денари или околу 6,5 милиони евра, што е една сериозна сума и една сериозна поддршка за Општината. На тоа, секако, се надоврзува и буџетот што го има Општината. Во изминатиов период се завршија уште пет улици и имаме над 20 активни проекти – изјави Николоски.
Тој додаде дека во следниов период ќе продолжи поддршката на оваа општина.
– Градоначалничката има тим и визија како да ја развива Општината, со поддршка од Градот, секако и со поддршка од Владата и од Министерството за транспорт, убеден сум дека ќе имаме уште повеќе резултати – нагласи Николоски.
Градоначалничката Стаменкоска-Трајкоска додаде дека со поддршката што ја овозможува Владата, како и со средства од буџетот на Општината, се реализираат проекти за поурбано и поквалитетно живеење во Општината.
Четири компании во трка за електричните автобуси
Четири компании аплицирале на тендерот за набавка на електрични автобуси. Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николовски, при работната посета на Општина Кисела Вода информираше дека извештајот за тендерот ќе го добие в понеделник, изразувајќи надеж дека овој пат јавниот повик ќе биде успешен.
– Се надевам дека овој пат ќе имаме успешна набавка на автобуси и искуството од минатиот тендер ќе биде поука компаниите да подготват добра и квалитетна документација – нагласи Николоски без да открие детали за тоа дали се странски компаниите и дали некои од нив учествувале на претходните тендери.
(А. П.)












