четврток, јули 16, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Стартуваше првиот шампионат на Македонија за ветерани во стандарден шах

Стартуваше првиот шампионат на Македонија за ветерани во стандарден шах

8

Во хотелот „Кала“, кој е дел од  Негорски Бањи, свечено беше отворен првиот шампионат на Македонија за шаховски ветерани. Турнирот претставува официјално првенство на Македонија за ветерани С60 (шахисти родени 1966 година или порано) во стандарден шах и е регистрирано во Меѓународната шаховска федерација, ФИДЕ.

На иницијатива од „ШКВ Скопје72“,  првпат во Македонија, по седумдневни меѓусебни борби на 28-мина шахисти, ќе се добие шампионот на Македонија кај ветераните. Планирано е да се играат седум кола, по швајцарски систем, со темпо на играње 90 минути за 40 потези, плус 15 минути до крајот на партијата, со бонус 30 секунди за потег. Од пријавените шахисти, највисок рејтинг имаат Звонко Станојоски со 2.366 поени, Драгољуб Јаќимовиќ со 2.343 и Ѓорѓи Прошев со 2.218 поени.

На отворањето, на присутните шахисти и гости  најпрво им се обрати претседателот на ШКВ „Скопје 72“, Илија Стошевски. кој им посака на сите натпреварувачи многу успех и добри партии на турнирот: „Беше многу тешко, во денешно време, да организираме еден ваков турнир. Но, ние, шахистите, познато е дека сме упорни и борбени, најдовме сили да го организираме, се разбира со помош на поединци и на организации, ова првенство. Ние, ветераните, сме оние што го вградиле целиот свој живот во развојот на шаховската игра. Се надевам дека ова прво првенство ќе биде оној првичен столб врз кој ќе се надградуваат идните шаховски првенства на ветераните“.

Директор на овој интересен турнир е некогашниот младински првак во шах на Македонија во 1965 година и четврти на младинскиот шампионат на некогашна Југославија, Ѓорѓи Прошев.

– Ова е голем ден за Македонија, особено за шаховските ветерани на нашата држава. Докажуваме дека и денес, и по 60 години, во сите нас остануваат љубовта и желбата кон шаховската игра. Посакувам овој турнир да прерасне во традиционален, за добро на шахистите и на љубителите на шахот. Ви посакувам пријатен престој во Негорски Бањи и многу успех на турнирот – изјави Прошев.

Исто така. вреди да се спомене дека главен судија на турнирот е меѓународниот судија Иван Кочовски. Наградниот фонд изнесува 114.000 денари, и тоа за првопласираниот 40.000 денари, за второпласираниот 30.000 денари, третопласираниот добива 20.000 денари, четвртопласираниот 10.000 денари, а петтопласираниот 5.000 денари. Прогласувањето на победниците и доделувањето на наградите ќе бидат по завршувањето на последното коло, во вторник, на 21 јули 2026 година.

(Љ.А.)

 

ИЗДВОЕНИ