петок, ноември 27, 2026
Дома СПОРТ Гоце, сепак те пуштија низ вода!

Гоце, сепак те пуштија низ вода!

0

Точно дека звучи чудно, но Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) најпосле собра храброст за да стави крај на соработката со сега веќе поранешниот селектор, Гоце Седлоски.

Одлуката на ФФМ е повеќе од очекувана со оглед на фактот дека откако Седлоски седна на жешкото столче, беше најавуван со „фанфари“ и употребен како „алатка“ за да се навредува, сè уште најуспешниот предводник на националниот тим, Игор Ангеловски-Мрме, или за некој шарлатан и јогурт, Македонија запиша осум порази, двапати одигра нерешено, заврши на последната позиција во Лигата на нации со шест порази од исто толку натпревари, со 23 примени и само еден постигнат гол.

– Понекогаш во фудбалот, без оглед на искуството, посветеноста и добрите намери, работите, едноставно, не се одвиваат онака како што сите посакуваат. Сметаме дека во овој момент е најдобро разделбата да биде во интерес на репрезентацијата, но и на Гоце Седлоски, без дополнителен притисок и негативни коментари кои не треба да бидат товар за човек кој оставил длабока трага во македонскиот фудбал.

Гоце не е само селектор кој ја предводеше репрезентацијата во еден период. Тој е еден од најтрофејните македонски тренери, легендарен капитен и човек кој со години е дел од историјата и развојот на нашиот фудбал.

Можеби моментот во кој ја презеде репрезентацијата не беше идеален. Можеби високите очекувања, наспроти реалноста, околностите и резултатите не се поклопија со она што сите го посакувавме. Но, тоа не ја менува неговата заслуга, ниту придонесот што го има дадено за македонскиот фудбал.

ФФМ му се заблагодарува на Гоце Седлоски за досегашната работа, посветеноста и за професионалниот однос. Веруваме дека неговото искуство, знаењето и љубовта кон македонскиот фудбал и во иднина ќе бидат ставени во служба на нашиот фудбал, клупски или репрезентативен.

Резултатите се дел од фудбалот. Почитта кон луѓето кои го задолжиле треба да остане и по последниот натпревар, пишува во официјалното соопштение на ФФМ.

Интересно, разделбата со Гоце дојде откако пред нешто повеќе од еден месец, првиот човек на ФФМ, Масар Омерагиќ, во едно интервју изјави дека не бил човек што лесно пушта луѓе низ вода.

– Јас не сум човек што лесно пушта луѓе низ вода. Поранешните селектори почнуваа лошо со далеку послаби противници, а ние сега немавме ривали од таков ранг. Порано бевме во Ц-дивизија и губевме од Ерменија со 0:4, бевме 150. на ФИФА-листата, па не се бараше ничија оставка, изјави тогаш Омерагиќ.

Старите би рекле, „немој да лижеш таму каде што прво си плукнал“, но сега е веќе доцна, затоа што  и овој неуспех на актуелното раководство е запишано на белата хартија, а можеше да не биде така.

ФФМ залудно организира брифинг со новинари, си знаеме ние кои не бевме поканети зошто не сме, со техничкиот директор на младинските национални тимови, Ѓорги Христов, кој тврди дека резултатите се потврда дека младинскиот фудбал се движи во вистинска насока, кога ситуацијата на терен е сосема поинаква.

За помалку од еден месец, актуелното раководство на ФФМ ќе прослави две години откако влезе во „Куќа на фудбалот“. Изминатите две години, навивачите ќе ги паметат по катастрофалните резултати на зелениот терен, по Седлоски, кој по секој пораз си имаше алиби и најчесто вината ја лоцираше кај играчите, по тоа дека се откажа од Миоски, Трајковски, Несторовски… а јавноста по тепаните деца во Штип, по голманот на Аеродром кој заврши во болница, по скандалот кој се случи за време на финалниот натпревар од Купот на Македонија, кога македонската химна прво беше „поздравена“ со свирежи, а потоа фудбалерите на Шкендија не сакаа да ги примат сребрените медали….

Кога си на функција, треба убаво да размислиш пред да кажеш нешто, па затоа „бисерот“ на спортски директор на сите македонски фудбалски репрезентативни селекции, Горан Пандев, дека Мрме е шарлатан, вечно ќе се памети, а ангажманите на Ангеловски, кои биле со пократок рок на траење од јогурт, испаднаа со подолг рок од тој на Седлоски, кој сепак, на крајот, е пуштен низ вода.

ИЗДВОЕНИ