Регулаторната комисија за енергетика утре ќе донесе нови одлуки за малопродажните цени на нафтените деривати, во услови на нестабилни референтни цени на нафтата. Трговците најавуваат попусти и предлагаат мерки за замрзнување на цените, додека потрошувачите и социјалните мрежи реагираат за потенцијално поскапување. Енергетскиот сектор паралелно продолжува со регулаторни реформи и усогласување со европските стандарди за интегриран и конкурентен пазар
По значителниот пораст, а потоа и благ пад на референтните цени на нафтата на светските берзи во последните недели, во земјава се отвора дилема дали цените на горивата ќе продолжат да растат или ќе има обиди за нивно стабилизирање.
Најголемиот снабдувач со нафтени деривати, Окта АД Скопје, понуди попуст од 2 денари од литар за дизел и бензини на трговците, со цел да го ублажи ефектот од порастот на цените пред денешната очекувана одлука на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за нови малопродажни цени.
Од друга страна, Макпетрол АД Скопје оцени дека ова намалување не е доволно и предложи мерка за замрзнување на набавните цени на нафтените деривати, што автоматски би се одразило и на малопродажните цени — практики кои се применуваат и во други земји од регионот.
Некои сопственици на бензиски пумпи во петокот изјавија дека имаат намерa да го сторат тоа, но тоа се повеќе најави и очекувања, отколку потврдено фактичко намалување во практиката.
Овој развој следува по неодамнешната одлука на РКЕ, според која максималните малопродажни цени на горивата се зголемени: еуросупер БС‑95 се продава по 79,50 денари од литар, а евро дизел 85,50 денари од литар, а корекции на цените на горивата ќе има еднаш неделно, поточно секој понеделник, а во меѓувреме компаниите можат да ја спуштат цената затоа што РКЕ определува максимална цена.
На социјалните мрежи, одлуката на РКЕ еднаш неделно да ја утврдува цената предизвика реакции дека се штитат интересите на компаниите, а не на граѓаните.
Министерката за енергетика, Сања Божиновска, истакна дека пресметувањето на цените на неделно ниво е воведено од почетокот на војната во Украина во 2022 година и дека РКЕ ги определува максималните цени во интерес на граѓаните. Таа нагласи дека Македонија, и покрај зголемувањето, има најниска цена на дизелот во регионот — 1,39 евра од литар, во споредба со Бугарија (1,41), Словенија (1,528), Грција (1,59), Албанија (1,89), Црна Гора (1,5), Хрватска (1,55) и Србија (1,78). Божиновска апелираше до компаниите да го пренесат попустот од Окта во конечните цени и да не остваруваат дополнителен профит, нагласувајќи дека очекува општествена одговорност во услови на нестабилни цени.
–Сега се надевам дека ќе излезат во пресрет на граѓаните и нема да има ценовни шокови – рече таа.
Историјата на цените во изминатите месеци покажува континуиран тренд на пораст, со неколку корекции на цените на бензините и дизелот во 2025 и 2026 година. Глобалните економски услови, геополитичките тензии и нарушувањата во снабдувањето продолжуваат да создаваат притисок врз домашните референтни цени, што ги поттикнува компаниите и регулаторите да бараат начини за олеснување на товарот врз потрошувачите и бизнисите.
Паралелно, енергетскиот сектор во земјата се соочува со клучни регулаторни промени и европска интеграција. Од РКЕ, во петокот, информираа дека во согласност со Законот за енергетика и европските директиви е направено усогласување на 11 подзаконски акти, меѓу кои правилници, тарифни системи и методологии за тарифи. Ова беше тема на состанокот помеѓу регулаторите и Артур Лорковски, директор на Енергетската заедница.
– Енергетскиот сектор е во фаза на брз развој, воден од регулаторни реформи, технолошки иновации и стратешки инвестиции. Транзицијата кон интегриран, транспарентен и конкурентен енергетски пазар, во кој ќе доминираат обновливите извори на енергија, напредува добро, во предвидени рокови и во согласност со европските принципи – посочи Лирим Сулејмани, заменик-претседател на РКЕ.
Според Лорковски, регулаторната независност и финансиската автономија се предуслов за успешна интеграција на енергетскиот пазар и Македонија ќе продолжи да работи на усвојување на европски стандарди, за зајакнување на конкурентноста и олеснување на прекуграничната размена на енергија.
Неизвесноста околу Ормутскиот Теснец ги држи високи цените на нафтата и на гасот
Глобалната рејтинг агенција „Стандард и „Пурс“, анализирајќи ги цените на нафтата и гасот поради евентуално долготрајно затворање на Ормутскиот Теснец, прогнозира дека може дополнително ќе ги затегне пазарите за нафта и за течен природен гас (LNG), со глобални последици.
– Самата неизвесност е доволна за да ги одржи цените на енергијата високи. И дури и ако конфликтот заврши наскоро, веројатно ќе бидат потребни недели за повторно воспоставување на овие операции – нагласуваат од агенцијата.
(С. Бл.)












