Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска изјави дека е подготвен да иницира измени во Законот за мобилизација, според кој пратениците кои ќе го изгубат пратеничкиот мандат ќе мора да се приклучат на војската.
Коментирајќи ги неодамнешните неуспешни гласања во украинскиот парламент за нацрт-законите што ги бара ММФ, Зеленски рече дека народните пратеници или ќе мора да служат во парламентот во согласност со украинското законодавство, или тој ќе преговара со претставниците на парламентот за законски измени на условите за мобилизација, за да можат пратениците да одат на фронтот, пренесува „Укринформ“.
– Ако не ѝ служите на земјата во парламентот, тогаш ѝ служите на земјата на фронтот. Тоа е мојот пристап, рече Зеленски.












