EPA/ANDRES MARTINEZ CASARES

Најдобриот тенисер на сите времиња, Србинот Новак Ѓоковиќ, сака да ја продолжи својата кариера колку што е можно повеќе, а клучно е да продолжи да ужива во тенисот. Како што рече на прес-конференцијата во Париз, приоритет сè уште му се гренд слем турнирите, а „пензионирањето“ е збор што сè уште не сака да го спомене. Иако многумина шпекулираат дека веќе ја почнал својата проштална турнеја и дека сака да игра на секој терен што му значи нешто, сè уште нема конечен план.

Во последната година, тој одлучи да не форсира ништо, прецизно го планира својот распоред во согласност со своите физичка состојба и чувства, но што ни кажува меѓу редови?

Совршен крај со српското знаме на рамената

Србинот во неколку наврати изјави дека Олимписките игри во Лос Анџелес се една од неговите преостанати цели до крајот на кариерата. Тој повеќе нема императив да победи, но би сакал повторно да го доживее моментот на парадирање со најдобрите спортисти во светот, обвиткани со српското знаме.

– Мислам дека тоа е сон и цел, но и желба. Го кажав тоа многу пати во последните години и би сакал да стигнам до Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година. Мислам дека можам да го направам тоа. Ќе видиме. Сè зависи од тоа како реагира моето тело, како и од многу други фактори. Денес не играм, ниту се натпреварувам на ни приближно толку турнири како што правев во последните дваесет години. Решив да го направам тоа затоа што сакам да поминувам повеќе време со семејството и навистина да им се посветам на различните улоги што ги имам во мојот живот – улогата на сопруг, татко, син и на брат, како и да се занимавам со друго што ме интересира. Секако, тенисот останува во центарот на мојот професионален живот, но сакам да најдам и рамнотежа, поради што го променив распоредот. Сепак, сè уште се надевам дека ќе стигнам до Олимписките игри и дека со тоа ќе ја завршам кариерата, со српското знаме на моите рамена – рече Новак во август оваа година, за шпански „Спорт“.

Гренд слем турнирите сè уште му се приоритет

Иако играше на неколку помали турнири во претходните две сезони, настапот на гренд слем турнирите сè уште му е приоритет. На сите им е јасно дека се менуваат неговите одлуки од недела во недела, бидејќи на крајот од оваа сезона многу сака да се квалификува за завршниот турнир во Торино.

– Гренд слем турнирите се, секако, најважните турнири што ги имаме. За мене, а верувам и за 99 проценти од играчите, тие ги претставуваат столбовите на нашиот спорт, неговите историски темели. Ова се турнири каде што сакате да играте најдобро и вашето име да биде запишано во историјата на тенисот. Затоа сè уште сакам да го дадам својот максимум на гренд слем турнирите, но, секако, би сакал да играм добро и на други турнири. Оваа година, да бидам искрен, мојот фокус се префрли од доброто играње кон доброто чувство на теренот. На повеќето турнири на кои играв, а не играв многу, имав многу здравствени проблеми. Навистина се мачев физички. Немаше никаква врска со мојата подготовка или дали тренирав доволно, бидејќи гледам дека има многу луѓе што сакаат да дадат свои експертски мислења и тврдат дека знаат точно што се случува со мене, но не знаат. Сепак, како што реков, секогаш кога се чувствував подобро на теренот, а во последно време беше така, моето ниво на игра, уживањето на… теренот и целокупното чувство веднаш се подобрија. Играм подобро – објасни Србинот.

„Сè ќе оди многу брзо“

Новак Ѓоковиќ го помина летото промовирајќи го својот документарец во Америка, а во текот на гостувањето во „Си-би-ес морнингс“ во јули, ги загрижи обожавателите со својата изјава. Тој откри што му кажал поранешниот тренер Андре Агаси, согласувајќи се со него.

– Сè уште чувствувам дека можам да се натпреварувам на највисоко ниво. Сепак, моментот кога ќе ја завршам кариерата е, секако ,поблиску од кога било. Андре Агаси еднаш рече дека не знае кога ќе заврши мојата кариера, но дека кога ќе заврши, сè ќе оди многу брзо. Мислам дека е во право – рече Ѓоковиќ во текот на настанот „Фанатик фест“.

Тој додаде дека не постои идеален начин еден спортист да ја заврши кариерата.

– Некои сакаат да се пензионираат додека се на својот врв, други си заминуваат кога повеќе не може да издржи нивното тело, а има и такви што сфаќаат дека повеќе не може да се натпреваруваат со најдобрите. Јас само се обидувам да уживам додека играм“.

Зошто сè уште игра?

Сопственикот на 24 гренд слем титули неочекувано одлучи да игра во Пекинг оваа година, турнир каде што освои седум врзани титули. Тој подвиг никогаш не го постигнал никој во историјата на „белиот спорт“. Од Кина, тој рече дека не игра само за забава.

– Никогаш не е само за уживање. Можев да играм егзибициски натпревари само за да уживам со публиката. Играм професионален турнир затоа што сакам и да победувам. Тоа е, всушност, главната мотивација, секогаш се обидувам да се натпреварувам и да го победам противникот преку мрежата тој ден за да одам што е можно подалеку на турнирот. Секако, ако може да се натпреварувате на место каде што се чувствувате добро кога станува збор за условите, поддршката од публиката и за атмосферата, тогаш се собира сето тоа и придонесува за уште подобар настап – беше јасен Србинот.

ИЗДВОЕНИ