Жената што со автомобил удри 18-годишен пешак на пешачки премин во Скопје не го напуштила местото на сообраќајната незгода, а полициските службеници кои постапувале по случајот ги познавала од претходна сообраќајка во која таа била оштетена. Ова го утврдила внатрешната контрола во МВР, која постапувала по обвинувањата на мајката на момчето дека полицаец ѝ помогнал на жената да избегне казна. Одделот за внатрешна контрола на МВР извршил разговори со полицајците кои постапувале по незгодата, како и со учесниците во сообраќајката. Според наодите, тие излегле на местото на настанот, ги презеле потребните дејства и веднаш по увидот го известиле надлежниот јавен обвинител. За случајот било доставено и писмено известување до ОЈО Скопје.
Во однос на сомнежите за влијание врз полицајците, од внатрешната контрола утврдиле дека на 3 ноември годинава, жената учествувала во друга сообраќајка, но тогаш во својство на оштетена. Увидот и во тој случај го вршеле истите полицајци. Таа ги препознала, што, според МВР, можело да создаде впечаток дека има познанство со нив и влијание врз нивното постапување.
Внатрешната контрола анализирала и снимки од безбедносните камери на МВР во Скопје, како и од камери поставени од правно лице. Од снимките утврдиле дека автомобилот не го напуштил местото на незгодата до пристигнувањето на полицијата. По ударот, возилото било поместено од пешачкиот премин во десната сообраќајна лента на улицата „Париска“, а жената останала таму до завршувањето на увидот. По комплетирањето на документацијата, СВР Скопје ќе достави соодветна пријава против Н. Т. до надлежното јавно обвинителство.
Случајот беше објавен откако мајката на повреденото момче, на социјалните мрежи изнесе обвинувања за неукажување помош на нејзиниот син и за полициско посредување во корист на жената која го удрила. Обвини дека жената возач се обидела да го прикрие делото нудејќи му пари на оштетеното момче за да не ја пријавува. (П.А.)












