По брзите кредити, на ред се банкарските провизии. Откако институциите утврдија незаконска наплата на дополнителни трошоци од страна на финансиските друштва и најавија враќање на над 140 милиони денари на граѓаните, следна тема на која ќе се насочи вниманието се високите провизии што ги наплаќаат банките. Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, најавија дека ќе следуваат контроли во однос на банкарските надоместоци, кои и покрај повеќекратните апели на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, за нивно намалување, остануваат високи.
Првиот чекор кон поголема заштита на граѓаните е веќе направен во секторот на брзите кредити. По спроведените вонредни инспекциски контроли кај сите 27 лиценцирани финансиски друштва, утврдено е дека 12 од нив незаконски наплатувале опомени и известувања за доцнење со отплата на кредитите. По донесените решенија, над 26.000 граѓани треба да добијат поврат на незаконски наплатените средства во вкупен износ од над 140 милиони денари.
Контролите опфатиле и нечесни трговски практики, при што кај 18 финансиски друштва биле утврдени неправилности во договорите за потрошувачки кредити. За констатираните прекршувања се изречени инспекциски мерки и парични казни, а финансиските друштва имаат рокови од 30, 60 и 90 дена да ги вратат средствата на граѓаните.
Паралелно со засилените контроли, се подготвува и нов Закон за финансиски друштва, кој веќе го поминал последното читање. Една од најзначајните новини ќе биде целосното укинување на исплатите и уплатите во готовина, односно сите трансакции ќе мора да се вршат исклучиво преку трансакциски сметки.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, вели дека токму готовинското работење било една од работите на кои најмногу инсистирала при подготовката на законското решение.
– Дефинитивно најмногу ми пречеше делот со кешот. Не може да има исплати во готовина, уплати во готовина и тоа е нешто што верувам дека финансиските друштва бурно ќе реагираат. Мора да оди преку сметки, изјави Димитриеска-Кочоска.
Но, по финансиските друштва, на ред се отвора и прашањето за трошоците што граѓаните ги плаќаат за користење банкарски услуги. Приходите од провизии и надоместоци продолжуваат да растат, иако гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во повеќе наврати ги повикуваше банките да ги преиспитаат своите ценовници и да ги намалат или укинат дел од надоместоците.
Славески неодамна повторно ја актуaлизираше потребата од законски измени со кои би се создале механизми за ограничување на банкарските провизии. Тој посочи дека Народната банка нема директна законска надлежност да ги регулира надоместоците што ги наплаќаат банките, поради што треба да се разгледаат можностите за дополнување на законската рамка, по примерот на повеќе европски земји.
Повод за реакциите беа и најавите на дел од банките за зголемување на надоместоците за платежните услуги, во некои случаи и со двоцифрени процентуални зголемувања, за кои, според надлежните во моментов нема оправдани економски причини.
Сепак, бројките покажуваат дека провизиите остануваат значаен извор на приходи за банкарскиот сектор. Во првите девет месеци од 2026 година, банките оствариле нето-добивка од 224,4 милиони евра, додека приходите од провизии и надоместоци достигнале 154 милиони евра. Нето-приходите од провизии во споредба со истиот период лани се зголемени за 10,3 проценти.
Само од провизии и надоместоци, банките за девет месеци оствариле над 5,85 милијарди денари нето-приходи, односно околу 95 милиони евра. Претходната, 2025 година, ја завршија со речиси 304 милиони евра добивка, а над 118 милиони евра им останале како нето-приходи од провизии и надоместоци.
Трошоците за граѓаните не се занемарливи. Така месечното одржување на стандардна трансакциска сметка во 12 банки се движи од 30 до 90 денари, што на годишно ниво достигнува и до 1.080 денари. Дополнително се наплаќаат членарини за картички, електронско и мобилно банкарство, домашни и меѓународни трансакции, како и подигање готовина од банкомати на други банки.
Иако дел од банките нудат бесплатни дигитални услуги, кај други електронското банкарство се наплаќа од 15 до 80 денари месечно. Ова го отвора прашањето дали дигитализацијата, која треба да ги поедностави и поевтини трансакциите, навистина носи придобивки и за клиентите или пред сè придонесува за зголемување на приходите на банките.
Оттука, по интервенциите во секторот на брзите кредити, останува да се види дали институциите ќе преземат конкретни чекори и во однос на банкарските провизии. Граѓаните, кои практично се зависни од трансакциските сметки за примање плата, пензија и извршување на секојдневните плаќања, очекуваат најавите за заштита на потрошувачите да се однесуваат и на трошоците што ги плаќаат за основните банкарски услуги.
(А. С.)












