Авион на „Рајанер“ кој летал кон Прествик слетал со гориво доволно за само уште неколку минути лет, откако поради невреме бил принуден неколку пати да се откаже од обидите за слетување. Инцидентот се случил на 3 октомври минатата година, но деталите се обелоденети дури сега, по објавувањето на извештајот од британското Одделение за истражување на воздухопловни несреќи (AAIB).
Авионот од типот „Боинг“ полетал од Пиза кон Прествик со 171 патник и шест члена на екипажот. Според извештајот, екипажот наполнил дополнително гориво предвидувајќи доцнења и можни пренасочувања поради невремето „Ејми“, пренесува „Индипендент“.
По два неуспешни обида за слетување во Прествик – каде што наглите промени во брзината и правецот на ветерот (т.н. „wind shear“) ги принудиле да ја прекинат постапката и да направат нов круг над аеродромот – пилотите побарале пренасочување кон аеродромот во Манчестер. Барањето било одбиено, па авионот се упатил кон Единбург.
Сепак, и таму биле принудени да направат нов круг поради истиот проблем со ветерот. Потоа, екипажот прогласил вонредна состојба, ја известил контролата на летање дека имаат проблем со горивото и сепак се упатил назад кон Манчестер.
Истрагата утврдила дека авионот слетал со количина на гориво значително под задолжителната резерва. Пилотите испратиле повик за помош („mayday“) пред да се пренасочат кон Манчестер, каде што слетале со преостанати 363 килограми гориво. Пропишаната крајна резерва изнесува 1100 килограми.
Експертите од AAIB наведуваат дека за време на претходните обиди за слетување, потрошувачката на гориво достигнала околу 120 килограми во минута. Тоа значи дека авионот би останал без гориво за помалку од три минути доколку пилотите морале повторно да се откажат од слетувањето.
Во извештајот се наведува дека уште еден обид за слетување во Единбург би ја зачувал резервата на гориво, но само доколку тој би бил успешен. Екипажот стравувал дека нов неуспех би ги принудил да направат трет обид во услови на нагло менување на правецот и брзината на ветерот (т.н. „wind shear“). Во тој случај, немало да имаат друг избор освен да слетаат, и покрај предупредувањата за опасни воздушни струења.
Иако правилата на аеродромот во Манчестер наложуваат прифаќање на пренасочени летови, барањето било одбиено поради лоша внатрешна комуникација. „Наместо тоа, авионот продолжил кон Единбург, каде што екипажот морал да изведе уште еден маневар за избегнување“, се вели во извештајот, додавајќи дека „било малку веројатно оти би имало доволно гориво за уште еден круг над аеродромот“.












