ПРЕДЛОЖЕНИТЕ ИЗМЕНИ ВО ИЗБОРНОТО ЗАКОНОДАВСТВО ТРГНАА ВО СОБРАНИСКА ПРОЦЕДУРА, НО…
Почна, но, поради големиот број амандмани, запре собраниската процедура за усвојување на измените во изборното законодавство, што укажува дека ќе биде неизвесно дали ќе се применуваат нови изборни правила на следните избори. Ваков е епилогот од денешните случувања околу судбината на предложените измени во Изборниот законик договорени прво во меѓупартиската работна група, а потоа предложени од пратениците од парламентарно мнозинство, поддржано и од опозициската ДУИ. Познато е, од вчера се правеа обиди да се најде компромис со опозициските СДСМ и Левица, кои се противат на неколку нови решенија и правила, а најмногу на воведувањето на електронското гласање на нашите сонародници во странство за претстојните избори. Откако и денеска пропадна обидот да се најде компромис на средбата на координаторите на пратеничките групи, парламентарното мнозинство закажа седница на Комисијата за политички систем за да почне постапката за усвојување.
– Пред почетокот на седницата, пристигнати се голем број амандмани. Потребно е тие да се заведат во архивата и да се преведат. Поради тоа, ја прекинуваме седницата и нејзиното продолжение дополнително ќе биде закажано – објави вчера попладне Љупчо Пренџов, претседател на ова собраниско работно тело.
Од опозицискиот СДСМ, координаторот Оливер Спасовски ни изјави дека тие подготвиле 10.000 амандмани, а пратеникот од Левица, Борислав Крмов, ни рече дека се поднесени околу 3.300 – 3.500 амандмани од нивна страна. Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, рече дека не успеала средбата на координаторите поради проблемот со гласањето на дијаспората.
-За жал, и на вториот ден од разговорите меѓу координаторите на пратеничките групи и на пратениците што немаат пратенички групи не успеавме да дојдеме до договор, иако имаше ретерирање во одредени ставови меѓу сите пратенички групи. ВМРО-ДПМНЕ ги прифати сите забелешки што ги има и ДУИ и Левица, беа тргнати одредени членови што беа спорни, но не успеавме да го убедиме СДСМ да ретерира за гласањето на дијаспората. Со тоа, сметаме дека разговорите се завршени – рече Мицевски, додавајќи дека очекува блокада на предлогот, поради што може да се очекува на следните избори и натаму да се применува постојниот Изборен законик.
Денеска и премиерот Христијан Мицкоски ги повика двете партии да поднесат амандмани за сите други спорни одредби, освен за гласањето на дијаспората.
– Нашиот предлог е: предложете амандмани со кои барате корекција на начинот на заокружување и поднесување приговори. Веднаш ќе ви ги прифатиме. Повлечете ги другите амандмани и да го изгласаме Изборниот законик. Нашата дијаспора има право да учествува по електронски пат на следните претседателски избори – рече Мицкоски.
Но, лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, веднаш ја одби понудата и најави блокада најмногу поради одредбата за гласање на дијаспората.
– Зошто да ја доведеме државата во ситуација да се сомневаме во регуларноста на изборниот процес? Токму овој начин на гласање на дијаспората, кој го предлага Христијан Мицкоски да се имплементира кај нас, не е ниту европски, не е ниту демократски. Оваа измена на закон со која се воведува ваков начин на гласање, електронски, на нашата дијаспора, не знаеме колку илјади луѓе се тоа, 100, можеби 200 илјади луѓе, отвора можност за злоупотреба, за контролирано гласање, за тоа да гласа еден човек во име на повеќе луѓе – обвини Филипче.
И од опозициската Левица соопштија дека предложените измени се опасен обид за ограничување на демократскиот простор и зачувување на изборното статус кво, кое со години им одговара на големите партии.
– ДПМНЕ се обидува перфидно да ја претстави темата за електронското гласање на дијаспората како своја црвена линија, иако вистинската цел е Изборниот законик намерно да се доведе до ниво на неприфатливост, за на крај да остане непроменет токму моделот што ја дискриминира Левица. Јавно глумат подготвеност за измени и делумно фер правила, а суштински предлагаат услови за кои однапред знаат дека немаат консензус, со што свесно го минираат процесот! Зад таа игра стои јасна политичка намера Левица да остане без рамноправен пристап до финансиските средства за изборна кампања, без фер распределба на средствата за платено политичко рекламирање и цензурирана – соопштија од оваа партија. (Б. Ѓ.)












