Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги поканува сите љубители на поезијата и на музиката на 18 март, од 19:00 часот, во „Лабораториум“, на целовечерен поетско-музички настан „Светот ја слави поезијата. Градот ја слуша!”
– По повод 50 години од постоењето на нашата општина, организираме серија настани што ќе ја збогатат градската културна сцена. Почнуваме со дружење посветено на поезијата и на музиката, со наши домашни автори. Влезот е слободен, а добредојдени се сите вљубеници во убавиот збор и во музиката – истакна Герасимовски.
На настанот, поддржан од Општина Центар, ќе настапат триесетина истакнати македонски поети, кои ќе ги презентираат своите стихови. Поезијата ќе се спои со музиката на Зарина Првасевда, а по поетското читање ќе следува забава со иновативните звуци на „Поетроника“.
Ќе бидат читани и песни што оставиле трага во македонската поезија, а чии автори повеќе не се меѓу нас. Настанот е и најава за „Антологија на патот“, продолжение на проектот „Антологија на копнежот“ на Виолета Танчева-Златева.
Со настанот воедно се одбележува и Светскиот ден на поезијата, а за наредниот период, Општина Центар предвидува во својата програма низа проекти од сферата на културата, меѓу кои „Светски ден на уметноста“, „Прослава на животот на Горан Стефановски“, како и „Тематски прошетки со граѓаните за поблиско запознавање со културните обележја на Општината“.












