Две неексплодирани артилериски гранати од Првата светска војна биле пронајдени на брегот на Црна Река, крај мостот во атарот на селото Новаци.
Од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) информираат дека нивниот пиротехничар, Ѓорѓи Стефанов, безбедно ги подигнал гранатите, а нивното уништување било извршено вчера, на армискиот полигон Криволак, заедно со над 2. 262 различни неексплодирани средства (НУС), односно тромблонски гранати, рачни бомби и други артилериски гранати од минатите војни. Вкупната тежина на уништените убојни средства изнесувала околу 1,5 тон, а само нивниот експлозив тежел околу 200 килограми.
Од ДЗС апелираат граѓаните при пронаоѓање на сомнителни предмети што личат на неексплодирани експлозивни средства да не ги допираат или поместуваат, туку веднаш да се пријават на телефонскиот број 112.












