Изградбата на новиот младински културен центар во Кавадарци е веќе во тек. Центарот ќе се наоѓа на второто ниво од новиот деловно-трговски комплекс, со површина од околу 800 квадратни метри и посебен влез, со што ќе добие сопствен и препознатлив простор за младинско творење и дејствување, соопштија од кабинетот на градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев.
– Ова ќе биде современ и функционален простор наменет за културни и едукативни активности, креативни работилници, изложби, настани, предавања, дружење и реализација на младински идеи и иницијативи. Новиот деловно-трговски комплекс ќе се простира на околу 6.000 квадратни метри и ќе располага со 25 паркинг-места, како и дополнителни околу 40 паркинг-места пред објектот – информираа од кабинетот на Јанчев.
Оттаму додадоа дека целокупната инвестиција и изведба на објектот се реализираат од страна на „Фајв стар билдинг“.
– Со овој проект се создаваат нови можности за младите од Кавадарци – место каде што ќе можат да ги развиваат своите таленти, да разменуваат идеи, да создаваат, да се поврзуваат и активно да учествуваат во културниот и општествениот живот на градот. Градиме простор за младите, за нивните идеи и за иднината на Кавадарци – додадоа од кабинетот на Јанчев.












