вторник, ноември 17, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Се бара име за мобилната апликација „Каде си?“

Се бара име за мобилната апликација „Каде си?“

1

Центарот за управување со кризи (ЦУК) е во завршна фаза од подготовката на мобилната апликација „Where are you“ („Каде си?“), пред нејзиното пуштање во пробен период. Пред официјалното претставување, од ЦУК сакаат да ѝ дадат и соодветно име на апликацијата, кое би било препознатливо во нашата држава.

Како предлози засега се издвојуваат: „Е-помош“, „Спаси ме“ и „Лоцирај ме“.

Од ЦУК бараат новинарите да учествуваат во изборот на името и да гласаат за една од трите наведени опции.

– Ве покануваме да гласате за предлогот што сметате дека најдобро ја отсликува целта на апликацијата, но и слободно да предложите свое име. Вашите предлози и мислења се значаен дел од процесот на креирање решение што ќе биде во служба на сите граѓани. Да избереме име што ќе биде едноставно, лесно препознатливо и блиско до граѓаните – велат од ЦУК.

Инаку, станува збор за апликација што, покрај можноста за испраќање на точната локација на граѓанинот, овозможува и испраќање видеоснимка од непосредната околина на настанот при опасност или итен случај.

Дополнително, предвидена е и опцијата за т.н. Silent call – можност граѓанинот, во ситуации кога е во опасност и не може безбедно да зборува, дискретно да воспостави контакт со операторот во 112 преку видео, без да биде забележливо тоа за лицата во неговата непосредна околина.

– На тој начин, операторот добива визуелна информација за ситуацијата, што овозможува подобра процена на настанот и посоодветна реакција – објаснуваат од ЦУК.

ИЗДВОЕНИ