Американскиот производител на електрични автомобили „Тесла“ планира да инвестира три милијарди евра (3,3 милијарди долари) во проширувањето на својата фабрика во близина на Берлин, вклучително и изградба на нов производствен погон за идните роботакси „сајберкеб“, соопшти компанијата.
Според плановите, новиот погон со текот на времето би можел да достигне капацитет за производство на до еден милион роботакси. Компанијата, сепак, не прецизираше во кој временски период би се достигнал овој број.
– Со ова, тука, во Гринхајде, ги поставуваме темелите за технолошки најнапредната фабрика на „Тесла“ во светот – соопшти компанијата предводена од Илон Маск, мислејќи на локацијата на фабриката.
Изградбата на новиот објект треба да почне во првата половина на 2027 година, додека почетокот на производството е планиран за 2029 година. За реализација на проектот, „Тесла“ најави вработување на неколку стотици дополнителни работници.
Компанијата планира до крајот на оваа година да поднесе барање за добивање дозвола за изградба на новиот погон.












