Македонската кикбокс репрезентација оствари одличен резултат на Европското првенство во кикбокс, кое од 6 до 14 ноември се одржа во Скопје, во спортскиот центар „Јане Сандански“. Нашите натпреварувачи се закитија со вкупно девет медали, од кои еден златен, два сребрени и шест бронзени, потврдувајќи дека Македонија има квалитет за рамноправна борба со најдобрите кикбоксери на европската сцена.

На шампионатот настапија 1.023 натпреварувачи со вкупно 1.189 натпреварувачки влезови од 41 европска држава, што доволно говори за големината и за значењето на овој спортски настан. Македонија, покрај тоа што беше домаќин на континенталниот собир, имаше и своја репрезентација од 33 натпреварувачи, кои настапија во 34 натпреварувачки влезови во различни дисциплини и категории.

Најголемиот успех го оствари Нелсон Узеир, кој се искачи на европскиот трон и го освои златниот медал во дисциплината лоу-кик во категоријата до 86 килограми. Сребрените одличија ги освоија Стефан Михајловски во дисциплината кик-лајт во категоријата над 94 килограми и Силвио Мировски во лоу-кик до 71 килограм.

До бронзени медали стигнаа Петре Велков во лоу-кик до 67 килограми, Викторија Варадинова во лоу-кик над 70 килограми, Теа Велковска во кик-лајт над 70 килограми, Анастасија Јанческа во К-1 до 48 килограми, Наум Додевски во лоу-кик до 91 килограм и Марија Димовска во лоу-кик до 60 килограми.

Македонската репрезентација беше предводена од претседателот и селектор на Кикбокс маитаи федерацијата на Македонија, Дејан Митровски-Урко, заедно со тренерскиот тим во состав Драган Атанасовски, Жарко Михајловски, Александар Димовски, Шенол Асанов, Зоран Спасов и Жарко Ангеловски.

Сепак, покрај задоволството од освоените девет одличија, од македонската федерација изразија незадоволство од одредени судиски одлуки за кои сметаат дека директно влијаеле врз конечниот исход на борбите на тројца наши репрезентативци. Според претседателот на КМФМ, Дејан Митровски-Урко, Македонија имала можност да стигне и до уште неколку највисоки одличија, но спорните моменти во рингот и на татамито ги спречиле тие очекувања да се реализираат.

Како еден од најспорните случаи го посочуваат финалниот настап на Стефан Михајловски. Македонскиот кикбоксер претходно во полуфиналето успеал да совлада повеќекратен светски шампион, поради што очекувањата биле дека ќе има сериозна можност да стигне и до европската титула. Сепак, по спорна одлука на централниот судија, дошло до прекин на борбата, по што Михајловски на крајот морал да се задоволи со сребрениот медал.

Незадоволство од судењето имало и во борбата на Силвио Мировски, во која резултатот бил исклучително неизвесен. Според објаснувањето на федерацијата, во последната секунда од борбата Мировски задал чист удар по кој неговиот противник се нашол во нокдаун. И покрај тоа, судијата не го евидентирал ударот, не бил доделен поен, а рундата била прогласена за завршена, иако ударот бил зададен во рамките на дозволеното време.

Со тоа, според македонскиот табор, Мировски бил лишен од можноста да освои значаен поен во решавачкиот момент од борбата.

Спорни судиски одлуки имало и во настапот на Марија Димовска. Митровски објаснува дека во последните секунди, додека двете натпреварувачки биле во клинч, еден од судиите двапати доделил поен во корист на противничката, сметајќи дека од неговиот агол видел дека таа примила удари. Меѓутоа, според претседателот на КМФМ, станувало збор за ситуации во кои немало удари што ги исполнуваат критериумите за бодување, што го потврдувал и фактот дека останатите судии не ги евидентирале. Спорните одлуки ја промениле резултатската предност во корист на противничката, а Димовска на крајот го загубила дуелот.

  • За малку ни избегаа три злата, со што ќе се оствареше мојата прогноза пред почетокот на првенството. Стефан Михајловски во финалето се соочи со противник кој, на хартија, беше значително послаб. Имено, во полуфиналето Стефан го совлада повеќекратниот светски шампион, па се очекуваше дека во финалната борба ќе ја потврди својата супериорност. Дополнително, противникот од финалето на претходното првенство го има убедливо победено со 3-0. Сепак, по погрешна одлука на централниот судија, борбата беше прекината, а Стефан на крајот беше поразен. Слична ситуација се случи и во борбата на Силвио Мировски, во која резултатот беше исклучително тесен. Во последната секунда од борбата, Силвио зададе чист удар, по кој противникот се најде во нокдаун. И покрај тоа, судијата не го евидентираше ударот, не беше доделен поен, а рундата беше прогласена за завршена, иако ударот беше зададен во рамките на дозволеното време. Со тоа, Силвио беше лишен од можноста да освои значаен поен во решавачкиот момент од борбата. Неправилности имаше и во борбата на Марија Димовска. Во последните секунди, додека двете натпреварувачки беа во клинч, еден од судиите двапати кликна за поен во корист на противничката, со образложение дека од неговиот агол видел дека таа примила удари. Меѓутоа, стануваше збор за ситуации во кои немаше удари што ги исполнуваат критериумите за бодување, што го потврдува и фактот дека останатите судии не ги евидентираа. Овие спорни одлуки ја променија резултатската предност во корист на противничката, а Марија на крајот ја загуби борбата, истакнува Митровски.

Првиот човек на македонскиот кикбокс дополнително нагласува дека со успешната организација и освоените медали уште еднаш се потврдува значењето на овој спорт за Македонија.

  • Со врвната организација на Европското првенство, но и со постигнатите спортски резултати, уште еднаш потврдивме дека кикбоксот е еден од најуспешните и најтрофејните спортови во Македонија. Спорт кој со години наназад достојно ја претставува нашата земја на меѓународната сцена, континуирано носи резултати и како таков во нашата земја е национален спорт број еден, потенцира Митровски.

На крајот, претседателот на КМФМ упати и апел до спортските институции, Министерството за спорт, медиумите и до локалните самоуправи за поголема поддршка на боречките спортови, посочувајќи дека кикбоксерите со ограничени финансиски средства и со помош од лични пријатели успеваат да освојуваат медали и да ја афирмираат државата.

Тој побара федерациите да добијат подобри услови за тренинг, како и финансиска помош за настапи на меѓународните натпреварувања, нагласувајќи дека поддршката не треба да биде насочена исклучиво кон колективните спортови.

  • Апелирам медиумите со своето информирање да ѝ помогнат на јавноста да ја разбере оваа ситуација, а Министерството за спорт, како институција задолжена за поддршка на спортските федерации, да им обезбеди услови за тренинг и средства за реализација на активностите и учество на меѓународни првенства. Потребна е поголема поддршка и за боречките спортови, бидејќи ние со сопствени средства и со помош на лични пријатели носиме медали за Македонија. Крајно време е спортските институции и градоначалниците да сфатат дека и ние постоиме во боречките спортови, дека не постојат само колективните спортови, како ракометот и кошарката, порача Митровски.

Европското првенство во Скопје така заврши со двојна порака за македонскиот кикбокс – девет освоени медали и уште една потврда за квалитетот на домашните спортисти, но и со отворено барање за поголема институционална поддршка. Нелсон Узеир се закити со европската титула, македонските натпреварувачи освоија уште осум одличија, а Скопје доби признание за организација на еден од најголемите кикбокс настани на европската сцена.

ИЗДВОЕНИ