вторник, ноември 17, 2026
Дома СВЕТ Никој не сака да го погребе убиецот од Краков: Телото ќе биде...

Никој не сака да го погребе убиецот од Краков: Телото ќе биде предадено за медицински и научни цели?

1
Фото: Facebook

Градските власти на Краков не сакаат да го организираат или финансираат погребот на 24-годишниот Михал Оксињски, кој на 7 ноември изврши крвав напад во центарот на градот, откако претходно ги убил своите родители и сестра.

Бидејќи никој од овластените членови на семејството не се јавил за да го преземе телото, градоначалникот Лукаш Гибала најави дека ќе предложи посмртните останки да се донираат за медицински и научни цели.

Оксињски починал во болница на 9 ноември, два дена по нападот. Според полските медиуми, досега никој од членовите на семејството кои имаат право да го преземат телото не стапил во контакт со обвинителството.

Градоначалникот на Краков, Лукаш Гибала, изјави дека доколку семејството не го преземе телото по завршувањето на постапките на обвинителството, тој нема да бара градот да организира традиционален погреб; наместо тоа, ќе се обиде посмртните останки да бидат префрлени во некоја медицинска установа.

„Ако не одлучат да го преземат телото и да организираат погреб, ќе предложам градот да не организира погребување, туку телото да се предаде за медицински и научни цели“, рече Гибала.

Тој го посочи „Колегиум Медикум“ при Јагелонскиот универзитет во Краков како потенцијален примател. Сепак, ваквиот трансфер не се случува автоматски, бидејќи е потребна согласност од универзитетот.

Од образовната установа изјавија дека сè уште немаат добиено официјално барање и не сакаат да шпекулираат за можниот исход од случајот. Според полските прописи, доколку не се јави овластен роднина за да го преземе телото, одговорноста за организирање на погребот паѓа на општината во која лицето починало. Во овој случај, тоа е Краков.

Случајот е особено потресен поради настаните што му претходеле на нападот во Краков. На 7 ноември, Оксињски прво ги убил своите родители, Јануш и Рената, како и својата 21-годишна сестра Магдалена, по што се упатил кон Краков.

На главниот градски плоштад, тој отворил оган врз минувачите. Во нападот загинале шест лица, а 15 биле повредени. Тој беше запрен од двајца полицајци, кои исто така беа сериозно ранети во размената на оган што следеше. Полските власти го окарактеризираа нападот како терористички чин.

Родителите и сестрата на напаѓачот беа погребани во понеделникот во заедничка гробница на локалните гробишта во Васњов, близу Островјец Свјентокшиски. Погребот беше организиран од еден роднина, додека најблиските роднини на жртвите побараа од медиумите да не влегуваат во црквата или на гробиштата.

И додека неговото семејство е веќе погребано, судбината на телото на 24-годишниот напаѓач останува неизвесна.

ИЗДВОЕНИ