Објектот е опремен и нуди современи и подобрени услови за згрижување и детски престој. Изграден е според високите стандарди за енергетска ефикасност и целосна пристапност за сите деца, вклучувајќи и инклузивна опрема на детските игралишта. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата во најскоро време ќе даде согласност за нови вработувања на стручен кадар, со цел објектот веднаш да биде целосно ставен во функција. Тој додаде дека целта е до крајот на мандатот воопшто да нема листа на чекање во сите општини во државата. Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, нагласи дека со новите занимални се создава повеќе простор за игра, учење, дружење и развој на децата, но и дополнителна поддршка за нивните родители и семејства

По девет години, градинката „8 Април“ во Шуто Оризари доби нови шест занимални. Во шесте занимални се обезбедува место за 250 дечиња, со што целосно се решава долгогодишниот проблем и повеќе нема да има листи на чекање за запишување во оваа општина.
Објектот е опремен и нуди современи и подобрени услови за згрижување и детски престој. Изграден е според високите стандарди за енергетска ефикасност и целосна пристапност за сите деца, вклучувајќи и инклузивна опрема на детските игралишта.
Свеченото отворање беше вчера, а лентата ја пресекота премиерот Христијан Мицкоски, министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски, градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, како и амбасадорката на Кралството Норвешка, Кристин Мелсом, и амбасадорот на Швајцарската Конфедерација, Кристоф Сомер.
Премиерот најави дека Владата во најскоро време ќе даде согласност за нови вработувања на стручен кадар, со цел објектот веднаш да биде целосно ставен во функција.
Особена поддршка за повторно ставање во функција на оваа градинка, која беше опожарена на 1 март 2017 година, дадоа амбасадите на Норвешка и на Швајцарија, но и УНДП. Тие учествуваа во изградбата и во опремувањето на објектот.
– Навистина сум пресреќен што овој објект ја добива својата суштина, ја добива својата вистинска намена. А, тоа е да биде дом за дечињата, кои ќе може тука да го поминуваат своето детство, најубавите денови од својот живот – изјави Мицкоски.
Според премиерот, повеќе нема да има листа на чекање во Општина Шуто Оризари, односно целосно ќе бидат исполнети капацитетите.
– Ќе можат родителите тука да ги остават дечињата, ќе имаме кадар што ќе се грижи за нивното детство и за периодот од денот кога ќе престојуваат тие токму во оваа градинка – нагласи Мицкоски.
Тој додаде дека целта е до крајот на мандатот воопшто да нема листа на чекање во сите општини во државата.
– Ако беше бројката 4.500 на почетокот од мандатот на оваа Влада, целта е на крајот на мандатот од оваа Влада да имаме нула дечиња што ќе бидат на листа за чекање. Мислам дека и порано тоа ќе го реализираме, но сè зависи од динамиката на изградба на објектите – рече премиерот Мицкоски.
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, нагласи дека со новите занимални се создава повеќе простор за игра, учење, дружење и за развој на децата, но и дополнителна поддршка за нивните родители и семејства.
– Нема повеќе да имаме листа на чекање во Општина Шуто Оризари, односно целосно ќе бидат исполнети капацитетите. Пред само неколку дена бевме во Теарце, сега сме во Шуто Оризари. Различни средини, но една иста цел: секое дете да има еднакви можности за квалитетна грижа, воспитание и развој – изјави Велковски.
Тој информираше дека до крајот на мандатот, во општините на Град Скопје ќе се изградат 16 нови објекти за предучилишно згрижување и воспитание, со капацитет за над 2.100 деца.
– Паралелно со создавањето нови капацитети, инвестираме и во луѓето што секојдневно се грижат за нашите најмали. Досега се обезбедени над 1.000 нови вработувања и унапредувања во детските градинки – заклучи министерот.
(А. П.)












