Високите цени на енергенсите предизвикани од војната со Иран, веројатно, ќе се задржат одредено време, предупреди извршната директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева.
Таа оцени дека може дополнително да се зголеми притисокот врз цените со приближувањето на студената сезона на северната хемисфера и со обновувањето на резервите во земјите.
– Дури и ако конфликтот наскоро заврши, високите цени на енергенсите, веројатно, ќе останат уште некое време – изјави Георгиева, додавајќи дека фјучерсите за нафтата брент покажуваат високи цени и во 2027 година.
Георгиева предупреди дека инфлациски притисоци создаваат и состојбите на енергетските пазари, забрзаниот развој на вештачката интелигенција, царините, зголемените трошоци за одбрана и високото ниво на јавен долг.
– Сега, во многу земји, можеби е вистинскиот момент за претпазлив, порестриктивен пристап кон монетарната политика – рече Георгиева.
Таа ги пофали американските Федерални резерви, Европската централна банка и Банката на Јапонија за нивните мерки поврзани со каматните стапки, а истовремено упати критики кон фискалните политики во одредени развиени економии.











