четврток, јуни 4, 2026
Дома СКОПСКА Дваесет и пет години топла семејна атмосфера за децата без родителска грижа

Дваесет и пет години топла семејна атмосфера за децата без родителска грижа

32

СОС Детско село Македонија годинава одбележува значаен јубилеј, 25 години посветеност на децата, младите и семејствата во земјава.

Во изминатите 25 години, СОС Детско село Македонија помогнало илјадници деца, млади и семејства да добијат нова шанса за сигурна иднина, додека 6.090 животи биле променети, број зад кој стојат вистински луѓе и вистински приказни.

По повод јубилејот, СОС Детско село Македонија споделува пет сведоштва што ја отсликуваат нивната работа со децата, младите и со семејствата и покажуваат како може поддршката да го промени животниот пат од неизвесност до стабилност, од првиот чекор до самостоен живот.

– Имаше период кога мислевме дека нема да можеме да продолжиме понатаму. Поддршката што ја добивме ни помогна повторно да застанеме на нозе – вели Јордан, родител учесник на обуките за родителство.

Од СОС Детско село Македонија велат дека преку советувалиштата на СОС Детско село и обуките за родителство, помогнале на 1.390 семејства во ризик и спречиле 3.970 деца да бидат одвоени од биолошките семејства.

– За многумина, оваа помош значеше можност повторно да изградат стабилност и да продолжат заедно како семејство – потенцираат од СОС Детско село Македонија.

Санела, дете поддржано од СОС Детско село, раскажува дека пред да дојде во СОС Детско село, се плашела од сè.

– Но, таму првпат почувствував дека некој навистина се грижи за мене – изјави таа.

Кога не може да растат со сопственото семејство, на децата им е потребно друго, згрижувачко семејство, кое ќе ги заштити и исполни нивните потреби. Центарот за поддршка на згрижувачките семејства на СОС Детско село секојдневно обезбедува поддршка за 87 згрижувачки семејства, помагајќи им да обезбедат сигурна и стабилна средина за вкупно 710 деца и млади да растат со грижа, стабилност и чувство на припадност. За многу од нив, ова е место каде што првпат почувствувале сигурност.

– Кога почнав да живеам сама, најмногу се плашев од првиот чекор. СОС Детско село беше тука да ми помогне да направам план за иднината – истакна Јасна, младинка поддржана од СОС Детско село.

Поддршката продолжува и кога го прават младите следниот чекор кон самостоен живот. СОС Детско село Македонија помогнало на 1.466 млади да ги зајакнат своите можности за вработување. Успеало да помогне да се вработат над 674 млади.

– Денес имам сопствен мал бизнис. Тоа што веруваше некој во мојата идеја кога јас не верував, ми го промени животот – раскажува Борис, млад човек што бил дел од проектот „Зајакнување на младите преку нови можности“.

Преку менторство и поддршка, СОС Детско село Македонија помогнало 73 млади луѓе да започнат сопствен бизнис, создавајќи нови можности за себе и за својата заедница. Нивните приказни покажуваат дека со вистинска поддршка, младите може да изградат иднина што некогаш им изгледала невозможна.

– Разговорите со психолог беа моментот кога престанав да се чувствувам загубено и почнав повторно да верувам во себе – вели Стефан, млад човек што бил дел од услугите за психолошка поддршка и специјална едукација и рехабилитација на СОС Детско село.

Грижата за менталното здравје е важен дел од поддршката што ја добиваат децата и младите.

– За само една година, 127 деца и млади добија психолошка поддршка да ги надминат траумите и да продолжат да растат со сигурност и доверба во себе – потенцираат од СОС Детско село Македонија.

 

ИЗДВОЕНИ