Традицијата продолжува!

 Големиот фестивал, кој досега исфрли голем број хитови и на чија сцена настапија голем број естрадни ѕвезди (Калиопи, Неда Украден, Тоше Проески, Биба Додева, Ристо Самарџиев, Горан Каран, Бојан Маровиќ, Дадо Топиќ, Гоца Тржан, Принц од Врање, Мики Јевремовиќ, Зорица Конџа, Срѓан Марјановиќ, Владо Калембер, Маја Оџаклиевска, Ѓоко Ѓорчев, „Нови фосили“…), и ова лето ќе се одржи на брегот на „македонското море“, на гламурозната сцена на Долни Сарај и пред телевизиските камери на 15 балкански телевизии, вели фестивалскиот директор и организатор, добро познатиот композитор охриѓанецот, Григор Копров. Поканети се огромен број естрадни новинари, кои ќе бидат акредитирани и сместувани во охридските туристички објекти, а меѓу нив, како и секоја година, заслужено се наоѓаат весникот ВЕЧЕР и порталот vecer.press

 Интернационалниот музички фестивал „Охрид-фест – Охридски трубадури 2026“ и ова лето ќе ја разбранува нашата, како и балканската публика. Триесет и третото издание на големо се подготвува, а деновиве е распишан и конкурс за новите композиции, потенцијални хитови. Овој голем фестивал, кој досега исфрли голем број многу слушани песни и на чија сцена настапија голем број естрадни ѕвезди (од Калиопи, Неда Украден, Тоше Проески, Биба Додева, Ристо Самарџиев, Јелена Томашевиќ, Блаж Маротов, Горан Каран, Бојан Маровиќ, Дадо Топиќ, Ѓоко Ѓорчев, Гоца Тржан, Принц од Врање, Ѓоко Танески, групата „Бони M”, Aнтонија Шола, Мики Јевремовиќ, Зорица Конџа, Владо Калембер, Маја Оџаклиевска, до „Нови фосили“ со Сања Долежал…), ќе се одржи на 26 и 27 август, 2026 година. Фестивалот е специфичен затоа што има и фолк-вечер, која е закажана за 26 август. На таа вечер се пеат нови песни, а ги пеат најпопуларните македонски фолк-пејачи, како што се: Благоја Грујовски, Благица Павловска, Перо Христов, Даце Николовски, Ленче и Горан Кукиќ, Горан Тодоровски, Сузана Спасовска, Мишко Крстевски, Нино Величковски, Јованка Јо, Блага Петреска, Кате од “Нели ти реков“… Интернационалната вечер е закажана за 27 август. Таа вечер, пејачи-гости можат да настапат и со песни со кои веќе победувале изминатата година на фестивалите, но во нивните држави. Годинава, фестивалот „Охрид-фест“ ќе го следат повеќе од 15 телевизии од Балканот, што е извонредна можност за медиумско промовирање и на македонската музичка сцена.

Инаку, важно е да потсетиме дека на охридската сцена, во 1998 година, Тоше Проески ја испеа досега најубавата балада „Усни на усни“, со што од Охрид, крушевскиот ангел го започна својот блескав интернационален музички пат.Тоа значи дека Охрид, и ова лето, ќе пулсира во ритамот на музиката.Традицијата продолжува – отворен е конкурсот за 33. издание на интернационалниот музички фестивал „Охрид-фест – Охридски трубадури 2026“. Организаторите повторно ги повикуваат сите креативци, изведувачи и автори да испратат свои нови композиции и да станат дел од сцената која со години создава магични музички песни. Сите заинтересирани треба да испратат финално продуцирани композиции, со времетраење до три и пол минути, на официјалната е-пошта на фестивалот: [email protected], со јасна назнака за која вечер аплицираат. Рокот за пријавување е до 15 јуни, 2026 година. Водителка на фестивалот останува да биде атрактивната Марјана, а воедно ќе видиме дали популарниот актер, Васил Зафирчев, повторно ќе ѝ се придружи во водењето.

Иван Јосимовски е шеф на новиот фестивалски ПР, задолжен за комуникациите со колеги-новинари

За новинарите кои ќе се акредитираат за следење на фестивалот, важно е да се истакне дека Иван Јосимовски е новата фестивалска личност на таа функција, новиот шеф, кој со својата докажана професионалност ќе комуницира со седмата сила, од денес, па сè до крајот на месецот август.

Дуле Миќиќ

 

 

ИЗДВОЕНИ