Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски ги додели првите картички за зелена нафта на земјоделците во Свети Николе и Битола и соопшти дека започна распределбата на вкупно 48.037 картички, за која се обезбедени 584 милиони денари, односно околу 9,5 милиони евра.
– Финансиската поддршка почна да стигнува до земјоделците во период кога имаат потреба за вложување во есенската подготовка на почвата, за купување семенски материјал и ѓубрива, како и за одржување на механизацијата. Приходите од родот доаѓаат подоцна, а трошоците се прават сега. Затоа, зелената нафта има непосредна практична вредност за секој земјоделец во државата – рече министерот Серафимовски.
Тој појасни дека мерката се спроведува преку Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2026 година, а износот за секој корисник се утврдува според површините и културите пријавени во барањата за директни плаќања во 2025 година.
– Помошта се движи од 3.200 до 12.000 денари по хектар. За пченица, јачмен, пченка, ориз и другите култури во таа група изнесува 3.200 денари, а за сончоглед, маслодајна репка, луцерка и останатите култури во соодветната категорија – 4.800 денари по хектар. За градинарските култури опфатени со мерката и за лозовите насади се предвидени 9.600 денари по хектар. За јаболко, круша, слива, праска и другите овошни култури во оваа група износот е 12.000 денари, а за дуња, калинка, бадем, лешник и останатите култури во нивната категорија – 8.800 денари. За тутунот помошта е 11.000 денари, а за оревите и питомите костени – 6.000 денари по хектар – изјави министерот Серафимовски.












