Пржинската влада ќе се укине по скратена постапка, во македонското Собрание. Ова произлегува од предлогот за измени на Законот за Влада, кој го доставила актуелната Влада, деновиве, до Парламентот и кој наскоро ќе биде ставен во процедура на усвојување. Во дописот до Собранието потпишан од заменик-претседател на Владата, Љупчо Димовски, испратен на 15 април, се наведува дека се доставуваат измените за да одат по скратена постапка. Собранискиот спикер, Африм Гаши, на вчерашниот брифинг со новинарите изјави дека добиле неколку закони од Владата, кои треба да одат по скратена постапка и кои ќе бидат ставени на претстојната седница. Но, тој не спомена на брифингот дека се работи и за предлози со кои практично ќе се укине пржинската влада откако, како модел, ќе се примени само уште на следните парламентарни избори. Владините извори вчера потврдија дека цел на предложените измени е спроведувањето на договореното од јануарската лидерска средба.
Но, најголемата опозициска партија, СДСМ, која не учествуваше на лидерската средба, вчера обвини дека ова ќе претставува упад во демократијата и слободните избори, за што ќе се спротивстави. Опозициската ДУИ, по лидерската средба, соопшти дека треба да се укине пржинската влада во согласност и со мислењето на меѓународните фактори.
Важност до конечноста на првите парламентарни избори по ред
Во текстот на доставените измени во Законот за Влада се наведуваат бројни промени, кои во првиот дел се однесуваат на распределбата на владините ресори и кои 100 дена пред претстојните парламентарни избори треба да ѝ припаднат на најголемата опозициска партија. Клучните промени од кои може да се заклучи дека со предлогот се предвидува укинување на пржинската влада се содржани во два члена – 14 и 16. Членот 16 предвидува вкупно 11 одредби што се менуваат ќе се применуваат само до завршувањето на првите по ред избори на пратеници откако ќе бидат донесени предложените одредби.
– Одредбите од членовите 4, 5, 6, 7, 8, 9, 10, 11, 12, 13 и 14 од овој закон ќе се применуваат до денот на објавувањето на конечните резултати и распределбата на мандатите по изборни единици од страна на Државната изборна комисија, за првите по ред избори на пратеници во Собранието спроведени по денот на влегувањето во сила на овој закон – пишува во предлогот на законските измени, чиј официјален предлагач е Министерството за јавна администрација.
Одредбата од членот 14, пак, предвидува бришењето на поранешниот став со кој е предвидено моделот на пржинската влада да се применува сè до влезот на нашата земја во ЕУ.
– Во Законот за изменување и дополнување на Законот за Влада на Република Македонија, во членот 4 запирката и зборовите „а ќе се применува до влегувањето на Република Македонија во Европската Унија“ се бришат – наведува предлагачот.
Со тоа, практично на парламентарните избори што ќе следуваат по првите наредни, моделот на пржинската влада нема да се применува, туку излегува дека изборите ќе бидат спроведувани и организирани од Владата што ќе ги има сите лостови на власта, во тој период. Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, неодамна изјави дека законското решение за изменување на Законот за Влада, со кое се предвидува укинување на техничката, односно т.н. пржинска влада, се наоѓа во завршна фаза и дека биле прифатени барањата на опозицијата за добивање одредени ресори. Пржинската влада беше воведена во 2016 година, како законски модел, односно привремено решение во услови на изразена тогашна политичка и институционална криза. Целта беше да се обезбедат фер и демократски избори, а на што претходеше договорот на тогашните парламентарни партии, со асистенција и на меѓународниот фактор.
Опозицијата со министри во МВР и во ресорот за социјална политика
Во другите одредби чии измени се предлагаат се наведува и како ќе биде извршена распределба на владините ресори со кои 100 дена пред следните парламентарни избори ќе управува опозицијата.
– Заради организирање избори за пратеници во Собранието, Собранието, на предлог од претседателот на Владата, сто дена пред денот на одржувањето на изборите за пратеници во Собранието избира министер за внатрешни работи и министер за социјална политика, демографија и млади на предлог од опозицијата, со мандат што трае до денот на објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за спроведените избори за пратеници во Собранието, по што мандатот им престанува по сила на закон. Министерот за внатрешни работи го предлага партијата во опозиција со најголем број пратеници во Собранието, по претходна консултација со двете политички партии со најголем број пратеници во Собранието – се наведува во предлогот.
Во следниот член се додава дека партијата во опозиција со најголем број пратеници во Собранието го предлага и министерот за социјална политика, демографија и млади.
Во членот 45 во промената се наведува дека заради организација на избори за пратеници, Собранието, на предлог од претседателот на Владата, именува дополнителен заменик на министерот во: Министерството за внатрешни работи – предложен од политичката партија на власт со најголем број пратеници во Собранието; Министерството за социјална политика, демографија и млади – предложен од политичката партија на власт со најголем број пратеници во Собранието; Министерството за финансии – предложен од политичката партија во опозиција со најголем број пратеници во Собранието; Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство – предложен од политичката партија во опозиција со најголем број пратеници во Собранието и Министерството за јавна администрација – предложен од политичката партија во опозиција со најголем број пратеници во Собранието.
За предложените промени во Законот за Влада вчера реагираше и најголемата опозициска партија, СДСМ. Во партиското соопштение оттаму ја обвинуваат актуелната Влада дека „сака на шверцерски начин да ја укине техничката влада“. Ова партија најавува и отпор на предлогот.
– Власта шверцерски протнува законски измени на Законот за Влада, сакаат да ја укинат техничката влада, односно единствениот механизам за контрола во изборен период. Ова доаѓа по силниот пад на довербата на граѓаните во ВМРО-ОКГ од над 150.000 гласа. Падна и менторот на Мицкоски – Виктор Орбан, се очекуваат сите процеси во Унгарија за испитување на бизнис-релациите да започнат со формирањето на новата Влада. Очигледно, почнува да му се брза на Мицкоски – се наведува во соопштението.
Социјалдемократите потсетуваат дека ваквите закони во времето на СДСМ се носеле со согласност од сите партии.
– Се носеа со консензус, а не шверцерски како што се обидува да го направи тоа Владата на ВМРО. Зошто сега турка без согласност на СДСМ? СДСМ предупредува, секој обид за укинување на техничката влада во вакви услови е директен напад врз демократијата и слободните избори и ние ќе се спротивставиме. Техничката влада мора да остане затоа што е последна институционална линија на одбрана од злоупотреба на изборниот процес и единствен обид за фер и демократски избори – потенцираат од оваа партија.
За донесувањето на измените е потребен гласот на 61 пратеник, без примена на Бадентерово мнозинство. (Б. Ѓ.)












