Реал Мадрид продолжува да тоне во Евролигата, откако во третото коло го претрпи и третиот пораз во новата сезона. „Кралскиот клуб“ загуби од Хапоел Тел Авив со 102:98 во Софија, во неверојатен натпревар кој траеше повеќе од 135 минути.
Хапоел одигра фантастично прво полувреме и постигна неверојатни 67 поени во првите 22 минути, а во еден момент имаше предност од дури 22 поени. Сепак, Израелците попуштија во третата четвртина, што му овозможи на Реал за само нешто повеќе од пет и пол минути целосно да ја анулира негативата и дури да направи пресврт.
Сепак, тимот од Мадрид не успеа да ја задржи предноста до крајот и повторно остана со празни раце. Елајџа Брајант беше еден од хероите на Хапоел со 22 поени, 13 скока и седум асистенции, додека Василије Мициќ постигна ист број поени. Кај Реал најефикасен беше Тео Маледон со 26 поени.
По три кола, Реал останува без победа и се наоѓа на делба на последното место на табелата. Распоредот навистина беше тежок бидејќи тимот претрпи порази на гостувањата кај Дубаи, Ефес и Хапоел, но резултатите веќе создаваат сериозен притисок врз „Кралевите“.
Како капак на лошата вечер во Евролигата стигна и страшната повреда на Мајк Џејмс. Најдобриот стрелец во историјата на натпреварувањето се повреди во третата четвртина од дуелот меѓу Ефес и Црвена звезда, откако падна на паркетот во обид да стигне до топката.
Џејмс немаше никаков контакт со противнички играч, а веднаш по падот, останатите кошаркари и медицинските екипи притрчаа да му помогнат. Американецот беше изнесен од теренот на носилки, додека публиката во „Белградска арена“ го испрати со аплауз.
Првичните прогнози се дека станува збор за повреда на Ахиловата тетива, а доколку тоа биде потврдено, Џејмс би можел да отсуствува и до една година.
– Ужасно е, ептен ср*ње. Ви благодарам на сите што ми се јавија, напиша Џејмс по повредата.
Така, третото коло донесе голема драма во Евролигата – Реал Мадрид повторно загуби, а едно од најголемите имиња во европската кошарка се соочи со можна долга пауза.












