Ирак стави на продажба два авиона „Боинг 747“, кои од 1991 година се наоѓаат на аеродромот „Тозер-Нефта“ во Тунис. Според извештаите, еден од нив го користел поранешниот ирачки претседател Садам Хусеин.
Авионите се нудат по вкупна цена од 1,8 милиони долари. Тие биле преместени од Ирак во Тунис во јануари 1991 година, со цел да се зачуваат безбедни пред почетокот на Втората заливска војна. Сепак, поради санкции, финансиски спорови и натрупани трошоци за паркирање, тие никогаш не биле вратени во Багдад, пренесува порталот „Аеротелеграф“.
Tunus çölünde 35 yıl geçirdikten sonra Saddam’ın eski 747SP’sinin içinde. pic.twitter.com/2nKMxVmD4I
— Hava Haber (@havahabercom) November 22, 2026
Еден од авионите е „Боинг 747SP“, со регистрација YI-ALM и име „Ал-Кадисија“. Произведен е во 1982 година, опремен е за потребите на ирачката влада и во внатрешноста содржи конференциска сала и простор за одмор.
Иако „Ираки ервејс“ официјално нема потврдено дека Садам Хусеин лично го користел овој авион, неговата луксузна опременост – како и архивските фотографии направени во Лондон во 1983 година и во Москва во 1986 година – укажуваат на тоа дека тој навистина го користел.
Вториот авион што се нуди на продажба е „Боинг 747-200“ (во конфигурација за патници и товар), со регистрација YI-AGP и капацитет за 330 патници.
Двата авиона се продаваат во состојбата во која се наоѓаат („како што се“, без гаранција), а купувачот ќе ги сноси трошоците за транспорт, царинските давачки и даноците. Заинтересираните понудувачи треба да уплатат депозит од 180.000 долари за секој авион. Комисија при Амбасадата на Ирак во Тунис ќе ги разгледува понудите во периодот од 21 декември до 5 јануари, а предвидено е продажбата да биде финализирана најдоцна до 7 јануари 2027 година.
Претходните обиди за продажба на авионите беа неуспешни. Меѓу нив спаѓа и тендерот од 2023 година, на кој Ирак бараше 494.000 долари за секој авион.
Садам Хусеин владеел со Ирак од 1979 до 2003 година, кога бил соборен од власт за време на американската инвазија. Тој беше погубен во Багдад на 30 декември 2006 година, откако ирачки суд го осуди на смрт за убиството на 148 шиити во градот Дуџаил.












