Во близина на хрватскиот град Слуњ се подготвува изградба на голем спортско-туристички комплекс со тркачка патека која ќе ги исполнува највисоките стандарди на Меѓународната автомобилска федерација (ФИА), познати како „Grade 1“. Проектот „Croatia Ring“ има амбиција еден ден да биде домаќин и на трки од Формула 1.
Проектот се развива во Карловачката жупанија, помеѓу населените места Вељун и Благај, во близина на реката Корана. Негов раководител и косопственик е претприемачот Даворин Штетнер, кој заедно со деловниот партнер Анте Бушиќ работи на реализација на инвестицијата.
Според најавите, доколку сите постапки се одвиваат според планираното, изградбата би започнала до средината на следната година и би траела околу две години. Првите возења на патеката се очекуваат во 2029 година, а интерес за нејзино користење веќе покажале и големи мултинационални компании.
Проектот ги поминал најзначајните административни и еколошки процедури, вклучително и проценката на влијанието врз животната средина. Во тек е подготовката на финалната документација и постапката за добивање локациски и градежни дозволи, по што би требало да започне изградбата.
Штетнер нагласува дека исполнувањето на стандардите на ФИА е неопходен услов за можноста Хрватска во иднина да организира трки од Формула 1, но тоа само по себе не гарантира место во календарот на шампионатот.
За такво нешто ќе бидат потребни преговори со носителот на комерцијалните права на Формула 1, компанијата „Либерти медија“, како и плаќање милионски такси за организација на трките. Поради високите трошоци, за реализација на ваква амбиција често е неопходна и поддршка од државата.
„Досега добивме силна поддршка од локалната заедница – од политичките лидери до самите жители. Веруваме дека и државата ќе го препознае значењето на тоа Хрватска да биде домаќин на Формула 1“, изјави Штетнер за хрватскиот портал 7dnevno.
Покрај Формула 1, патеката би била наменета и за други меѓународни натпреварувања, меѓу кои GT и TCR шампионатите, како и мотоциклистички трки. Комплексот ќе може да се користи и за тестирање автомобили и мотоцикли, технолошки испитувања, корпоративни настани и конференции.
Во план е изградба и на помал хотел и конференциски центар, со цел локацијата да функционира како поширок спортски и деловен комплекс, а не само како тркачка патека.
Штетнер смета дека ваков објект би можел да привлече голем број посетители и компании, дури и оние кои досега немале никаква поврзаност со моторспортот. Проектот, кој првично бил замислен пред шест години, сега влегува во клучната фаза, а неговата долгорочна амбиција е Хрватска повторно да се најде на мапата на светскиот автомобилски спорт, пишува Дневно.хр.











