Доналд Трамп објасни зошто на агентите на Тајната служба им требаа околу 20 секунди да го евакуираат од салата за време на обидот за атентат во саботата навечер.
Истрелите одекнаа во хотелот каде што се одржуваше вечерата на дописниците од Белата куќа, каде што американскиот претседател требаше да се обрати пред водечките новинари во земјата.
Драматичните снимки покажуваат како агентите на Тајната служба ги опкружуваат Трамп и првата дама, а во исто време и потпретседателот Џ.Д. Венс беше брзо симнат од сцената.
Во разговор за Си-Би-Ес, Трамп објасни дека самиот ја забавил евакуацијата затоа што „сакал да види што се случува“.
Делумно е моја вина. Сакав да видам што се случува и не им го олеснив тоа. Сакав да ја видам ситуацијата, рече тој.
Додаде дека им рекол на агентите да „почекаат малку“, што веројатно ја забавило нивната реакција.
Трамп, исто така, се осврна на шпекулациите дека паднал додека ја напуштал сцената, наведувајќи дека агентите му рекле да легне.
Почнав да одам со нив, а потоа тие рекоа: „Ве молам легнете, легнете на подот“. Така направив јас, а истото го направи и првата дама. Агентите нè замолија да легнеме – рече Трамп.












