Со потпишувањето на меморандумот за соработка со Агенцијата за одземен имот, ова училиште ги згрижува и негува одземените коњи кои се запленети на територија на државава од страна на МВР, а биле затекнати при активности недозволиви со закон. Тие остануваат во Зоолошката градина на ова училиште сè додека не се вдомат кај вистински љубители на животни. Во моментов, во градината има околу сто единки од различни видови. Професорот Ивица Маринковиќ вели дека гордост на нивната Зоолошка градина се трите биволи кои се едни од последните неколку преживеани грла во Македонија
Средното училиште на Град Скопје „Браќа Миладиновци“, во Драчево од неодамна започна хумана мисија. Со потпишувањето на меморандумот за соработка со Агенцијата за одземен имот, ова училиште ги згрижува и негува одземените коњи кои се запленети на територија на Република Македонија од страна на МВР, а биле затекнати при активности недозволиви со закон. Тие остануваат во Зоолошката градина на ова училиште сè додека не се вдомат кај вистински љубители на животни.
-Ние како средно стручно училиште во областа на ветеринарната медицина и земјоделие постапуваме хумано и општествено одговорно и привремено ги згрижуваме овие животни. Во тој период, ние се грижиме за нивното здравје и благосостојба, ги прочистуваме од паразити, санираме евентуални повреди, ги храниме професионално и избалансирано и ги враќаме во добра состојба и кондиција – објасни Ивица Маринковиќ, одговорен наставник за промоција на училиштето, воедно и наставник по стручно теоретски предмети.
Тој информираше дека досега имаат згрижено четири коњи.
Кога биле донесени во Зоолошката градина тие биле во многу лоша состојба, изгладнети, со слаба кондиција и запуштени.
– Сето тоа покажува дека не биле чувани со внимание и љубов, туку напротив, биле злоупотребувани. Следниот чекор е да се вдомат кај вистински љубители на животни кои ќе достават гаранции за сместувачки капацитет и изјава дека нема повторно да бидат вклучени во нехумани или недозволени активности – истакна Маринковиќ, кој нагласи дека наскоро ќе биде објавена и постапката за вдомување.
Во меѓувреме, за овие животните се грижат вработените од ова средно училиште и учениците.
-Во нашето училиште работат тројца ветеринарни лекари кои воедно се и професори. Дополнително, во училиштето работи и помошен персонал кој се грижи за исхрана и нега на сите животни, како и учениците, ветеринарните техничари, кои својата практична настава по стручните предмети ја изведуваат токму во нашата Зоолошка градина – вели Маринковиќ.
Тој е дециден дека ќе продолжат и нема да се откажат од оваа хумана мисија, надевајќи се дека сè помалку ќе среќаваат животни со вакво нелегално потекло и во лоша состојба.
Зоолошката градина во ова училиште опстојува благодарение на средствата од училиштето.
-Училиштето има изнајмено парцели под наем на кои одгледуваме жито, како и сточна храна: пченка, пченица, јачмен, сточен грашок, детелина… Покрај сопственото производство на храна, нашето училиште продава и животни кои потекнуваат од нашата зоолошка градина: јагниња, јариња, зајаци, некои видови на птици. Во моментов, имаме две гравидни (спрасни) маторици со врвен генетски потенцијал. Наскоро очекуваме да се опрасат, а во догледно време и да ги продадеме прасињата. Станува збор за единки кои се одгледани по најсовремени стандарди, со постојана здравствена грижа, хранети по сите нормативи – потенцира Маринковиќ.
Во зоолошката во моментов има околу сто единки од различни видови. Професорот Маринковиќ вели дека се препознатливи по трите биволи кои живеат во Зоолошка градина кои се едни од последните неколку преживеани грла во Македонија.
-Во соработка со Земјоделскиот факултет и професорот Ѓоко Буневски, дејствуваме во насока на зачувување на овие (и уште неколку ) примероци. Имаме и неколку раси на зајаци, едно магаре, две пони коњчиња, две срни, елен, мини (украсни) кози, како и обични кози и овци, три кучиња… – набројува тој.
Додава дека се горди и на многу видови разновидни птици, почнувајќи од обични до украсни кокошки, кокошки „шабо“,„аустралорб“, „холандска белочубаста“, „дукатки“, мисирки, шумски фазани, неколку видови на гуски: обични, водени, нилска, канадска, лабудести; неколку видови патки: индиски, каролинка, тркачки, џуџести, патки глуварки, германски…полски препелици, украсни препелици …украсни папагали…
Најави и дека во зоолошката градина наскоро ќе пристигнат златни фазани, уште еден пони коњ и неколку бодликави прасиња.
Зоолошката градина во средното училиште „Браќа Миладиновци“ почна со работа пред десетина години, но беше наменета само за учениците од ова училиште.
-Првичната улога на зоолошката е во насока на образование на нашите ученици да се запознаат со животните, да научат да ги хранат и негуваат, да направат основен медицински преглед. Како расте бројот на животните, така се зголемува и нејзината популарност, па така пред четири години свечено ја отворивме и за посетители однадвор. Влезот е слободен, но работното време ограничено: секој ден од 8 до 14 часот – наведе Маринковиќ.
Инаку, зоолошката градина е само еден дел од големиот парк во кој е сместено училиштето. Во тој парк има многу катчиња со клупи и летниковци за одмор и релаксација…училници на отворено, како еден вид настава во природа!
Како што информираше Маринковиќ еден летниковец специјално е приспособен за родендени и забави и тоа не само за деца, туку и за возрасни.
– Честопати просторот се изнајмува за дружби, мини коктели и забави. Изнајмувањето се наплаќа од час – појасни Маринковиќ.
(А.П.)