сабота, јуни 6, 2026
Дома СКОПСКА Зоолошката ќе го одбележи првиот роденден на гибонот Мики

Зоолошката ќе го одбележи првиот роденден на гибонот Мики

93

Зоолошката градина, утре, во 12 часот, во просторот на летниковецот пред живеалиштето на мајмуните, ќе го прослави првиот роденден на малиот гибон Мики.

– Станува збор за една посебна и емотивна прослава, поттикната од приказната за Мики, која започна тешко, но заврши со надеж, љубов и среќен крај – велат од Зоолошката градина.

Оттаму додаваат дека Мики како бебе, на возраст од само неколку месеци, бил отфрлен од мајката и се соочил со сериозни повреди на главата и епилептични напади. Во тие најкритични моменти, неговиот живот зависел од човечката грижа, посветеноста и борбата.

Зоонегувателката Зера, 24 часа дневно била покрај него, со мала помош од нејзините колешки, и ниту еден момент не дго оставале сам.

– Со многу љубов, трпение и стручна грижа, Мики денес е здраво, активно и разиграно младо гибонче. Преку оваа прослава сакаме да ја споделиме неговата инспиративна приказна со јавноста, но и да потсетиме дека гибоните се загрозен вид кој има потреба од заштита. Истовремено, сакаме јасно да укажеме дека мајмуните не се домашни миленици, а човечката грижа во случајот на Мики беше единствена шанса за негов опстанок. Овој настан е и можност да им оддадеме искрено признание и благодарност на сите кои беа дел од неговото спасување, но најмногу на нашата колешка Зера, за нејзината неверојатна пожртвуваност, како и на целиот тим кој учествуваше во неговото лекување, рехабилитација, социјализација и секојдневна грижа – нагласуваат од Зоолошката градина.

Денеска, по сите авантури, Мики е успешно ресоцијализиран и живее заедно со својата сестричка Делфина.

Од Зоолошката ги повикуваат посетителите да дојдат да го запознаат Мики одблиску, да ја почувствуваат оваа емотивна приказна и заедно да прослават, како што велат еден мал, но голем животен триумф.

(А.П.)

ИЗДВОЕНИ