Очите на професионалните возачи од Македонија, Србија, БиХ и Црна Гора денеска вперени кон Брисел во надеж дека ќе се понуди конечно решение за нивниот проблем со правилото 90/180. Европската комисија признава дека правилото 90/180 им создава проблеми на професионалните возачи, но сметаат дека решението треба да се бара со долгорочни визи, дозволи за престој и други можности во рамките на постојните шенгенски правила. Превозниците најавуваат нови блокади на границите со ЕУ од 14 септември, ако не се најде конкретно решение

Очите на професионалните возачи од Македонија, Србија, БиХ и Црна Гора денеска се вперени кон Брисел каде што беше најавено дека ќе се одржи работна дискусија на претставници на земјите членки на Шенгенскиот простор на која требаше да го разгледаат главното барање на превозниците, а тоа е професионалните возачи на камиони и на автобуси и комбиња за превоз на патници, да добијат посебен режим, бидејќи нивниот престој во Шенген е работен, а не туристички.
Меѓутоа, портпаролот на ЕК, Маркус Ламерт на денешниот редовен брифинг со новинарите во Брисел, на прашање на новинар дали се одржува состанок за статусот на професионалните возачи од Западен Балкан, истакна дека нема информација дека состанокот се одржува. Тој само изјави дека „ЕК го следи проблемот и е во контакт со партнерите од Западен Балкан“.
Комисијата директно ги спомнува камионџиите како професија која поради природата на работата може да има потреба да биде во Шенген повеќе од 90 дена во период од 180 дена. Оттаму посочуваат дека постојат можности за решение во рамките на сегашните шенгенски правила – преку долгорочни визи, дозволи за престој, а во одредени ограничени случаи и преку третирање на возачите како прекугранични работници.

Од ЕК нагласуваат дека EEС системот не воведува ново правило за должината на престојот, туку само овозможува подобро спроведување и евидентирање на веќе постојните правила, што во куси црти значи дека Шенгенските правила продолжуваат да важат, а ЕК е отворена за разговори за тоа што може да се направи во рамките на правилата.
Сепак важно е да се спомене дека Брисел првпат денеска јавно призна дека професиите со висока мобилност, вклучително и камионџиите, имаат проблем со лимитот 90/180, но истовремено кажуваат дека решението засега треба да се бара во постојните шенгенски правила, а не преку автоматско укинување на лимитот.
Професионалните возачи на камиони во понеделникот одржаа предупредувачки протести со камиони во Скопје, Србија, БиХ и Црна Гора, токму пред денешниот од порано најавен состанок. Превозниците со камиони, на протестот побараа да им се приклучат и превозниците со автобуси доколку од Брисел не дојде преодно/конкретно решение, според најавите, од 14 септември 2026 година се можни неограничени блокади на шенгенските граници, што би можело сериозно да го наруши товарниот и патничкиот сообраќај од Македонија кон Србија, Хрватска и Унгарија.
Белгиско-македонскиот бизнис клуб предупредува дека проблемот може да има сериозни последици за транспортот и повикува на политичко решение, особено за професионалните возачи од Западен Балкан.
Превозниците од регионот во понеделникот доставија допис со барања и реакција до институциите на Европска унија за изнаоѓање на решение со кое ќе им се овозможи на професионалните возачи да продолжат со својата работа и ќе обезбедат непречен тек на економската соработка меѓу земјите на Западен Балкан и Европската унија. Еден од предлозите од превозничките организации е наместо секој делумен влез во Шенген да се брои како цел ден, да се зема предвид реалното време поминато во Шенген, односно 24-часовни периоди.
Од Министерството за транспорт велат дека Македонија работи на билатерални договори со земјите од Шенген за издавање долгорочни визи за професионалните возачи. Такви договори веќе се постигнати со Швајцарија, Хрватска и Романија, а во тек се разговори со Австрија, Германија и Словенија.
Европската комисија во февруари 2026 година во записникот експлицитно ги спомена превозниците од Западен Балкан и проблемот што го создава системот. Во записникот се наведува дека во контекст на новиот систем имало поплаки од организации на возачи од Западен Балкан за влијанието врз логистиката. Уште поважно е што Комисијата во својата нова „визна стратегија“ од јануари 2026 признава дека постојат проблеми со одредени „мобилни професии“, вклучително и возачите на камиони кои работат за европски компании, бидејќи нивната работа може да бара престој во повеќе Шенген држави подолг од 90 дена во период од 180 дена. Ова е значајно затоа што покажува дека Брисел веќе официјално го препознава проблемот, а не станува збор само за барање на балканските превозници.
Од Групата „Камионџии Балкан“ објавија дека од 1 септември превозниците ги чекаат нови казни, пониски патарини и повеќе дигитализација во камионскиот транспорт низ Европа. Така, Словачка воведува построги санкции за одредени прекршоци поврзани со товарниот транспорт, па превозниците треба особено да внимаваат на почитувањето на правилата. Холандија од 1 септември до 31 декември 2026 година привремено ги намалува тарифите за камионската патарина, а Норвешка пак, од 15 септември, превозниците што влегуваат во Норвешка ќе мора однапред дигитално да ги пријавуваат податоците за товарот, возилото и планираниот премин на границата. Податоците од превозникот и шпедитерот мора да бидат правилно поврзани уште пред камионот да стигне на граница. Во спротивно, царинењето може да биде забавено.
– Новите правила значат едно: помалку хартија, но повеќе обврски за точна и навремена електронска документација. За превозниците што возат низ повеќе европски земји, септември носи промени што директно можат да влијаат и на трошоците и на времето поминато на граница – велат од „Камионџии Балкан“.
(С.Бл.)












