вторник, септември 1, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА За училиштен прибор или за ајвар – огревот ќе почека

За училиштен прибор или за ајвар – огревот ќе почека

Родителите со две или со повеќе деца се соочуваат со високи трошоци за почетокот на учебната година, а паралелно треба да обезбедат и зимница и огрев. Две деца на училиште, зимница и греење се три големи ставки што доаѓаат во исто време, па за семејствата со ограничени приходи, септември станува месец на штедење и на тешки пресметки: што мора да се купи веднаш, а што може да почека

0

Септември за многу семејства е еден од финансиски најтешките месеци во годината. Додека родителите ги подготвуваат децата за новата учебна година, паралелно треба да обезбедат зимница и огрев, а во исто време да ги намират и редовните месечни сметки. Со ограничени приходи, сите овие трошоци доаѓаат речиси истовремено и значат сериозен удар врз домашниот буџет. Со почетокот на учебната година, Владата воведе мерка за намалување на цените на училишниот прибор, која ќе важи до 30 септември. Трговците на големо се задолжуваат да ги намалат цените за најмалку 10 отсто, а трговците на мало за најмалку 15 отсто. Мерката опфаќа широк спектар производи неопходни за учениците: ранци, чанти, тетратки, блокови, колаж, моливи, пенкала, боички, пластелин, теста за моделирање, фломастери, линијари и дидактички материјали.

Од Владата велат дека ова е трета година по ред како што се воведува „училишна кошничка“, со цел да се намалат трошоците за родителите и да се заштити животниот стандард, особено на семејствата со повеќе деца.

Сепак, родителите велат дека и покрај намалувањето на дел од цените, почетокот на учебната година останува сериозен трошок. За семејствата со две или со повеќе деца, сумата брзо се зголемува бидејќи, покрај приборот, треба да се купат и облека, обувки, опрема за физичко, храна и други потреби.

– Само за почетокот на учебната година, парите исчезнуваат. Кога ќе купите сè што им треба на две деца, останува многу малку за другите трошоци. А сметките не чекаат – вели мајка на две деца што одат на училиште.

Ранците најчесто чинат над 1.000 денари, додека наполнетите футроли со прибор се над 500 денари. Кога ќе се додадат тетратките, боичките, блоковите и другиот прибор, трошокот станува значителен, особено за домаќинствата со повеќе ученици.

Но, со првиот училиштен ден не завршуваат трошоците. Во текот на септември, следуваат и други издатоци: опрема за физичко, храна, осигурување, а кај дел од семејствата – и дополнителни активности.

Паралелно со подготовките за учебната година, за многу домаќинства почнува и сезоната на подготовка на зимницата. Пиперките, доматите, краставиците, зелката, маслото, оцетот и другите производи се уште една ставка во домашниот буџет.

Иако зимницата традиционално се подготвува со цел да се намалат трошоците во текот на зимата, за нејзината подготовка е потребно значително издвојување токму во периодот кога имаат семејствата најмногу други расходи.

– И зимницата мора да се направи, затоа што во текот на зимата е многу поскапо да се купува сè од маркет. Но, и за тоа требаат пари. Кога ќе ги соберете школските трошоци, храната, сметките и огревот, навистина не знаете од каде да почнете – вели една скопјанка.

Трет голем трошок е огревот. Домаќинствата што се греат на пелети, за цела сезона може да потрошат неколку десетици илјади, па и над 100.000 денари, зависно од изолацијата, големината на домот и од потрошувачката.

Дрвата остануваат поевтина опција, но и кај нив крајната сметка е повисока од основната цена, бидејќи треба да се платат превозот, сечењето и цепењето.

За оние што се греат на инвертер-клими, трошокот се префрла на сметките за електрична енергија. Висината на сметката зависи од изолацијата, големината на просторот, температурата и од начинот на користење на уредот.

Дополнителен притисок имаат и пензионерите, особено оние што им помагаат со своите приходи на децата и на внуците.

– Пензијата едвај стигнува за храна и за сметки, а кога ќе дојде септември, има уште трошоци. Треба да им помогнеме на внуците за школо, а истовремено да обезбедиме и огрев за во зима. Мора да се штеди од нешто друго – вели пензионерка.

Сето ова покажува дека септември за многу домаќинства е месец на финансиско прераспределување: што прво да се плати, што може да почека и каде може да се заштеди.

– Не е проблем само еден трошок. Проблем е што сите доаѓаат во исто време: училиште, зимница, огрев, сметки. Затоа септември е месец во кој буквално се пресметува секој денар – вели мајка на две деца.

Две деца во училиште, зимница за семејството и огрев за студените месеци се три големи ставки што доаѓаат речиси истовремено. За семејствата со ограничени приходи, есенската подготовка не е само прашање на планирање туку и на откажување од дел од потребите за да се помине месецот.

(А. С.)

 

ИЗДВОЕНИ