– „Аманет“ е збор што за мене има многу длабоко значење. Кога ќе го слушнам, прво помислувам на моите родители. Тие ми го оставија највредниот аманет, не материјално богатство, туку начинот на кој треба да живеам. Да бидам чесен, да почитувам, да помагам и, пред сè, да бидам добар човек. Сметам дека секој родител на своето дете му остава некаков аманет. Прашањето е што ќе направиме ние со тоа што сме го добиле, вели Митровски

„Аманет“ е насловот на новата композиција на младиот македонски музичар Димитар Митровски, проследена со официјален видеоспот со хуманитарен карактер. Песната што тој ја објави на својот роденден, носи силна лична и емотивна порака.

– „Аманет“ е збор што за мене има многу длабоко значење. Кога ќе го слушнам, прво помислувам на моите родители. Тие ми го оставија највредниот аманет, не материјално богатство, туку начинот на кој треба да живеам. Да бидам чесен, да почитувам, да помагам и, пред сè, да бидам добар човек. Сметам дека секој родител му остава на своето дете некаков аманет. Прашањето е што ќе направиме ние со тоа што сме го добиле, вели Митровски, кој композицијата ја објави на неговиот роденден 29 август.

Како што вели, тој сакал да го претвори овој аманет во музика.

„Преку оваа композиција и преку хуманитарниот спот, сакав таа порака да продолжи понатаму, затоа што добрината не треба да застане кај нас. Треба да се пренесува од човек на човек. Токму затоа што сум воспитан да правам добри работи, да помагам и да бидам тука за луѓето кога им е потребно, се осмелив и овој пат музиката да ја ставам во служба на нешто поголемо. Сакав спотот да има хуманитарен карактер и преку него да дадеме можност да им се помогне на луѓето кои навистина имаат потреба. За мене, ова не е само музички спот. Сакам да биде еден мал пример дека секој од нас може да направи нешто добро, без разлика колку е големо или мало. Ако преку оваа композиција, преку музиката и преку донациите успееме некому барем малку да му го олесниме животот, тогаш сме ја пренеле пораката на вистинскиот начин, додава Митровски.

Според него, „Аманет“ не е само посвета до неговите мајка и татко. Тоа е, вели, и порака до сите нас, „она што добро ни е оставено, да го продолжиме со добро“.

И можеби токму затоа, оваа композиција ја објавувам на 29 август, мојот роденден и роденденот на мојот татко. За мене тоа е уште еден симбол дека она што сум денес започнало од нив.

Инаку, музиката и аранжманот се на Димитар Митровски, кој свири и на хармоника. На клавијатури и пијано е Ангел Ќосев, бас-гитарата ја отсвирил Горан Гесовски, на тапани е Гоце Илиоски, а на гитара Иван Петровски. За миксот и мастерингот се погрижил Ангел Ќосев, а песната е реализирана во студиото „Подрумот“.

 

Видеоспотот е во режија на Дарко Јовановски, кој е и директор на фотографија и монтажа. Графичкото решение е на Ник Дизајн. (Д.Т.)

ИЗДВОЕНИ