Инфлацијата во еврозоната се искачи на 3,3 проценти во август, според прелиминарната „кратка“ проценка на „Евростат“, од 2,9 проценти во јули. Цените на енергијата продолжуваат да имаат најголем придонес за зголемувањето на цените, при што цените во август се зголемија за 14,3 проценти на годишно ниво. Во јули, нивниот раст на годишно ниво изнесуваше 10,3 проценти.
Инфлацијата во секторот на услуги се забави од 3,3 проценти во јули на три проценти во август, додека цените на неенергетските индустриски производи го забрзаа растот од 0,9 на 1,2 проценти. Цените на храната, алкохолот и на тутунот пораснаа со исто темпо како и во јули, односно 1,2 проценти годишно. Меѓу најголемите економии во еврозоната, инфлацијата мерена со хармонизираниот индекс на потрошувачки цени се забрза во август, во сите наведени земји.
Во Германија се зголеми од 2,8 на 2,9 проценти, во Франција од 2,4 на 2,7 проценти, додека во Шпанија се забрза од 3,9 на 4,5 проценти. Во Италија, според „Евростат“, инфлацијата се зголемила од 2,9 на 3,2 проценти. Според прелиминарната проценка на Европскиот завод за статистика, вкупната инфлација во еврозоната, без енергијата, изнесувала 2,2 проценти, исто како и во јули.












