На македонскиот пазар на трудот се продлабочува парадоксот: од една страна, расте бројот на невработени, а, од друга страна, компаниите сè потешко наоѓаат работници. Во јуни, првпат од почетокот на годинава, е регистриран месечен пораст на бројот на активни баратели на работа, додека работодавците продолжуваат да пријавуваат потреба од нови вработувања.
Според податоците на Агенцијата за вработување, во јуни како активни баратели на работа биле евидентирани 88.541 лице, што е за 2.425 повеќе во споредба со мај. Дополнително, регистрирани се и 41.281 невработено лице со статус на пасивен барател на работа.
Најголем дел од активните баратели на работа се лица со ниско или без образование. Од вкупниот број, 51.390 лица, односно 58 отсто, се без образование или со основно образование, додека 22.195 лица или 25 отсто имаат средно образование. Тоа значи дека дури 83 отсто од активните баратели на работа се без образование, со основно или со средно образование.
Иако бројот на невработени е висок, компаниите и натаму се соочуваат со недостиг на работна сила. Според анкетното истражување на Агенцијата за вработување, речиси 62 отсто од анкетираните работодавци изјавиле дека имаат потреба од нови вработувања.
За годинава, приватниот сектор најавува 14.498 нови вработувања. Најголема потреба има во преработувачката индустрија, каде што се планирани 5.328 нови работни места, односно 36,8 отсто од вкупниот број.
Следуваат трговијата на големо и на мало со 2.342 планирани вработувања, градежништвото со 1.437 и секторот за сместување и послужување храна со 958 нови работни места.
И актуелната понуда на слободни работни места ја покажува истата слика. На национално ниво има повеќе од 10.000 слободни работни места, од кои најмногу во преработувачката индустрија – 1.678. Во угостителско-хотелиерскиот сектор има 1.644 слободни места, во трговијата 1.483, а во административните и помошните дејности 1.411. Во градежништвото има 910 слободни работни места, а во транспортот 740.
Недостигот од работници сè повеќе се надополнува со ангажирање странска работна сила. Само лани биле обработени вкупно 10.143 барања поврзани со издавање работни дозволи за странци.
Од нив, 836 биле директни барања за издавање работни дозволи, додека 9.307 биле барања од Министерството за внатрешни работи за мислење за искористеноста на квотата и за моменталните потреби на пазарот на трудот.
За потребите на домашниот пазар, на почетокот од годинава Владата донесе одлука за зголемување на квотата на 10.000 работни дозволи за странци.
Состојбата покажува дека главниот проблем на македонскиот пазар на трудот не е само бројот на невработени туку и нивната квалификациска структура. Додека илјадници лица активно бараат работа, компаниите имаат потреба од работници со конкретни знаења и вештини.
Токму ова несовпаѓање меѓу понудата и побарувачката е една од причините поради кои домашните компании сè почесто се принудени да бараат работници надвор од земјата. Прашањето што останува е дали пазарот на трудот ќе успее да ги усогласи потребите на работодавците со квалификациите на домашната работна сила.
(А.С.)












