Над 160 деца ова лето ги направија првите чекори во пливањето или ги усовршија своите вештини во рамки на бесплатната школа за пливање што се реализираше во Кавадарци.
Школата успешно заврши, а најмладите имаа можност преку спорт, дружење и забава да го поминат летото активно, истовремено стекнувајќи поголема сигурност и самодоверба во вода.
Програмата се реализираше на Градскиот базен, кој по реновирањето и со обезбедувањето топла вода понуди пријатни и безбедни услови за учење и спорт. Покрај часовите по пливање, за децата беа организирани и различни игри, активности и дружења.
Со учесниците работеа професори по физичко и здравствено образование, кои преку стручен и посветен пристап им помогнаа на децата да ги совладаат основните техники на пливањето, да стекнат сигурност во вода и да развијат позитивни навики поврзани со спортот.
Во реализацијата на бесплатната школа беа ангажирани професорите Дарко Цеков, Влатко Пецов, Филип Атанасов, Јован Леотиковски, Илија Грозданов и Боро Ѓорѓиев.
Од Општина Кавадарци оценуваат дека големиот интерес за школата е уште една потврда дека децата и родителите ја препознаваат важноста на физичката активност, спортот и здравите навики уште од најмала возраст.












