вторник, септември 1, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА „Ако вршеле контрола, немаше да одам на гроб и да славам роденден...

„Ако вршеле контрола, немаше да одам на гроб и да славам роденден на моето прекрасно дете“

Судење „Пулс“

0

Пренамената и реорганизацијата на просторот, промените на електричната, водоводната и на канализациската инсталација, како и вградувањето несоодветни материјали, непосредно влијаеле на безбедноста на дискотеката „Пулс“, истакна вештакот и професор Горан Марковски на рочиштето за кривичната одговорност за пожарот во кој загинаа 63 луѓе.

Според него, објектот имал одобрение за градење како деловен објект за лесна индустрија, а во Општина Кочани немало податоци за издадено решение за пренамена и адаптација.

Марковски посочи дека градежниот инспектор имал и право и обврска да интервенира и да побара објектот да се врати во првобитната состојба или да го затвори додека не се отстранат неправилностите.

– Според Законот за градење, инспекторот можел и морал да делува, објектот да биде затворен сè додека не се расчистат неправилностите – рече Марковски.

Тој нагласи дека изостанувала институционалната реакција со години, а првите записници од инспекциски надзор биле направени дури на 16 и 18 март 2025 година, откако изгоре објектот.

На паузата од судењето, мајката на загинатата Мита Тасева порача дека Судот мора да утврди кој знаел, што знаел, од кога знаел и зошто молчел.

Таткото Драги Стојанов, пак, директно ги обвини инспекторите за пропустите.

– Николчо, кој се брани дека не е крив, тој ми го уби детето. Ако извршеше контрола, немаше да одам на гроб и да славам роденден на моето прекрасно дете – рече Стојанов.

Со изведувањето на градежното вештачење од тимот на Градежниот факултет при УКИМ, треба да заврши доказната постапка на Обвинителството, по што се очекува одбраната да почне со изведување свои докази. (П. А.)

 

ИЗДВОЕНИ