Предложениот систем за ракетна одбрана на американскиот претседател Доналд Трамп, познат како „Златна купола за Америка“, би можел да чини дури 1,2 трилиони долари во следните 20 години, покажа нова анализа на Конгресната буџетска канцеларија (CBO), што е значително повеќе од претходната проценка на Трамп од 175 милијарди долари, објави АП.
Во непартискиот извештај на CBO објавен во вторник се вели дека анализата е „еден илустративен пристап“, а не официјална проценка на специфичниот план на администрацијата.
Повеќе од две третини од овие трошоци за набавка би произлегле од вселенската компонента на системот, се наведува во извештајот, пренесен од германската агенција ДПА.
Трамп го започна проектот на почетокот на својот втор мандат, моделирајќи го според израелскиот одбранбен штит „Железна купола“, но предвидувајќи многу поширок систем способен да пресретнува не само ракети со краток дострел, туку и модерни хиперсонични и ракети со долг дострел и од воздух и од вселена.
Предложениот систем значително би се проширил надвор од постојните капацитети за ракетна одбрана на САД.
Трамп минатата година изјави дека првичните 25 милијарди долари се наменети за започнување на проектот и ги процени вкупните трошоци на околу 175 милијарди долари.
CBO ги базираше своите проценки на извршна наредба што Трамп ја потпиша кратко по преземањето на функцијата. Според оваа рамка, системот би вклучувал регионална и национална копнена одбрана, како и можности за пресретнување преку сателит, потсетува ДПА.












