четврток, јуни 4, 2026
Дома МАГАЗИН Животот е многу убав! Незаборавен концерт во чест на големиот маестро Милан...

Животот е многу убав! Незаборавен концерт во чест на големиот маестро Милан Завков

130

Македонската музичка (фолк) сцена гордо му оддаде посебна почит на еден од најголемите чувари на народниот мелос, на маестро Милан Завков.                               Во преполната сала на Македонската филхармонија во Скопје се одржа концертот „Миланова игра“ (во извонредна организација на „Баги комуникации“). Всушност, свечената музичка вечер му беше посветена на композиторот, хармоникаш и аранжер Милан Завков, кој ненадејно почина на 7 февруари во 2023 година, оставајќи голема празнина. Но неговите дела продолжуваат да живеат преку композициите испеани од златните грла на врвните македонски пејачи: Горан и Ленче Кукиќ, Виолета Томовска (ѕвезда на вечерта, поради многу причини), Наум Петрески, Сузана Спасовска, Зуица Лазова….и, некогаш додека физички беа присутни со нас: Атина Апостолова, Пепи Бафтировски, Војо Стојаноски. Некои од тие песни и пејачи имавме чест да ги слушаме во живо на сцената на Македонската филхармонија, меѓу нив и незаборавните: „Малку барам јас“, „Животот е многу убав“, „Засвири една наша, Милане“, „Камен да беше срцето“, „Лична Јовано“….Овој величествен концерт се одржа по иницијатива на неговото семејство. Се покажа дека народната музика не е нешто затворено во времето, туку жива форма, која се надградува и комуницира со новите генерации. И тоа, таа вечер, токму преку визионерскиот пристап во обработка на делата на Завков, а од страната на двајца исклучителни музичари и аранжери, Дамир Имери и Дарко Илиевски. Сето тоа, на сцената го донесе специјално оформениот Камерен оркестар, кој беше под диригентската палка на сјајната Дијана Имери-Илковска. Ова музичко доживување беше комплетирано, покрај популарните пејачи, и со настапите на Дино Имери, еден од нашите најперспективни пијанисти, како и со настапот на Катерина Броња, исклучително талентирана флејтистка.

И сигурно, најважното нешто што го создаде маестро Завков, а кое го истакна и Ирена Спировска, која прекрасно ја водеше програмата, секако е тоа што маестро остави музика која не му припаѓа само на времето туку и на луѓето. Се пренесува од колено на колено. Неговата богата музичка кариера е преточена во постојано афирмирање на македонската музика ширум светот. Впрочем, каков што беше и оној незаборавен концерт кој сè уште се прераскажува со најубави зборови, со ансамблот „Tанец“, во славната „Сиднејска опера”, (Австралија), а по повод 100 години Илинден. Па, нели животот е многу убав!

Дуле МИЌИЌ

 

ИЗДВОЕНИ